На платформата „Фуснота.мк“ се поместени песни на македонски и на странски поети, но и антологија што покажува како преку поезија може да се развие свеста за медиум-порака

Платформата „Фуснота“ едуцира за важноста на уметноста

Платформата „Фуснота.мк“ на здружението „Фуснота“, основано пред две години, со првична цел да се придонесе во едукацијата на младата популација за важноста на културата и уметноста, а истовремено и со културна размена да се поттикне зајакнувањето на културниот активизам, деновиве со своите содржини е во фокус на интерес на медиумите и социјалните мрежи. На неа може да се прочита поезија од македонски и од странски автори, да се ужива во цртежите на поетот, музичар и визуелен уметник Владимир Лукаш, да се прочитаат содржините на досега реализираните проекти на здружението, информации поврзани со поетски случувања, како и интервјуа, книжевни критики и др.
– Во услови на пандемија функционираме како и повеќето од нас, работиме од дома, се приспособуваме на новите новонастанати услови и не отстапуваме. Првпат со Владимир Лукаш се претставивме со сличен проект што беше насловен „Дијалог во рамка“. Тоа се случи пред три години. Заинтересираноста за нас беше изненадувачки голема. Потоа одлучивме да направиме антологија, која носи наслов „Игропис“, и во која вкрстено може да се чита песна од македонски автор од генерацијата поети родени во 1980-тите години со цртеж – вели поетесата и книжевна критичарка Драгана Евтимова, која заедно со Владимир Лукаш е основачка на платформата.

Запрашана за заинтересираноста на уметниците за проектите на „Фуснота“ и за тоа на кој начин можат да учествуваат во нив, Евтимова рече дека што се однесува до актуелниот проект „Шири поезија, не страв“, како најинтересно го смета постојаното пристигнување на песни на нивната е-адреса од многу млади автори што немаат издадено книги. Таа вели дека тука има простор за реализирање нови проекти.
– Проектот „Шири поезија, не страв“ е поддржан од Министерството за култура од минатата година. За во иднина што ќе се случува не знаеме, но не се откажуваме. Во план е реализирање на веќе договорени проекти, но сето тоа зависи од повеќе фактори, рече таа, не откривајќи повеќе детали за очекуваната поддршка во реализација на нивните следни активности – велат од „Фуснота“.
Во истоимената рубрика „Шири поезија, не страв“ на платформата, меѓу другите, се презентирани песни и на домашните поети: Снежана Стојчевска, Слаѓана Атанасова, Николина Андова Шопова, Никола Маџиров, Наташа Сарџоска, Митко Гогов, Јосип Коцев, Ана Голејшка Џикова, Биљана Стојановска, а меѓу странските, со свои песни се среќаваат и поетите: Сигурбјорг Трастардотир, Хуан Карлос Перес Флорес, Јехуда Амихај, Алеш Мустар, Анна Багријана, Георги Господинов и др.

Меѓу другото, презентирана е и споменатата антологија „Игропис“ во чиј предговор стои забележано дека целта на создавањето на ваквиот тип антологија е преку поезијата на различни автори да се изрази и развие свеста за медиум-порака, односно да презентира лична приказна.
– Цртежите се минијатурни реконструкции на Владимир Лукаш да се направи вкрстена конструкција за соединување на пораката. Овој социјален експеримент има цел да експериментира со различните ракописи и да создаде свест за вкрстено читање на различни текстови преку цртеж. Авторите што се застапени во антологијата се од различна генерација. Целта е промовирање на поезијата надвор од границите на обичното секојдневно читање поезија. Литературата е социолошки феномен и може да излезе надвор од границите на естетската вредност – истакна поетот Борче Георгиев.