„Културниот центар 750“ реализира шест онлајн активности предвидени за 2020 година. Поради пандемијата, оваа сезона не се организираа настани на јавен простор, туку се ширеше уметност на алтернативен начин, со онлајн претставување на изложбите, инсталациите и литературните читања.
Своите дела во „КЦ 750“ ги изложија Тамара Забазноска, Филип Велковски, Будимка Поповска, Васко Марковски, уметничка инсталација подготви Ѓорѓе Јовановиќ, а беше претставена и поезијата на Ива Дамјановски. За да не остане сè само во виртуелниот простор, беа подготвени принтови со материјали од изложбите и читањата и беа дистрибуирани во поштенски сандачиња по случаен избор во повеќе скопски населби.
„КЦ 750“ е мал, мобилен културен центар, заеднички проект на Иван Шопов и Владимир Лукаш. Целта на проектот е развивање и поттикнување нови модели на искористување на јавниот простор за културни намени.