Веројатно ќе се согласите дека книжевната награда не е нужна мерка за квалитет на некоја книга. Има многу брилијантни писатели на кои никогаш не им е доделена награда. Покрај тоа, кога ќе влезете во која било книжарница и ќе ги погледнете кориците, честопати ќе видите разни книжевни награди што не постоеле до пред неколку години. Се чини дека во сето ова дури и литературните награди што имаа одреден кредибилитет го губат своето значење толку многу што целосно престанавме да им обрнуваме внимание. Многумина од нас веројатно не обрнуваат внимание на тоа при изборот на книга за читање. Но затоа има некој што внимава при изборот на книгите за објавување! Тоа се издавачите.
Септември е месецот кога во јавноста се открива потесниот избор за Букеровата награда, во кој годинава влегоа шест наслови што следната година ќе го привлечат вниманието на читателите и за кои ќе се борат издавачките куќи во светот. Оваа листа на книги навистина изгледа интересно, бидејќи темите со кои се занимаваат книгите се проблеми што го мачат современиот човек.

„Патешествието на север“, Анук Арудпрагасам
Ако сте еден од оние што со нетрпение чекаат да откријат писатели од егзотични делови на светот, сигурно ќе ве интересира фактот дека еден од писателите во потесниот избор е Анук Арудпрагасам, автор од Шри Ланка. Неговата книга „Патешествието на север“ го истражува влијанието што воените трауми го имаат врз целата нација, но исто така вклучува и љубовна приказна. Романот започнува со телефонски повик до главниот лик, кој го информира дека жената што ја сакал починала на многу неочекуван начин. Заминува на патување за да присуствува на погребот, а авторот нѐ враќа во минатото и ни кажува за триесетгодишната граѓанска војна во Шри Ланка, истовремено вовлекувајќи нѐ во љубовната приказна на главниот лик.

„Ветувањето“, Дејмон Галгут
Од писателот што двапати се најде во потесниот избор за Букеровата награда, овој пат можеме да очекуваме семејна сага, со мистерија во центарот на приказната, која наиде на пофалби од литературните критичари. Тоа е приказна за бело семејство што живее во Јужноафриканската Република и кое, децении по смртта на таткото, кој беше глава на семејството, се расправа за правото на неговата семејна куќа. Имено, пред смртта, таткото им ја оставил куќата на нивната црна слугинка. Приказната ги следи членовите на семејството Свартс додека ги откриваат семејните тајни со текот на времето, а авторот слика портрет на длабоко оштетено семејство, но и на длабоко оштетена држава на која ѝ треба зацелување.

„Никој не зборува за ова“, Патриша Локвуд
Патриша Локвуд е американска поетеса и есеистка, а нејзиниот прв роман има многу интересна структура и е доста необичен во однос на жанрот. Првиот дел од романот следи неименуван наратор и нејзините искуства со виртуелната платформа, наречена Портал, па дури може да се окарактеризира и како роман на протокот на свеста. Авторката ги користи формите и техниките на модернизмот, а ние веруваме дека ова дело ќе биде интересно за читателите што уживаа во книгите на Макс Портер или, воопшто, писателите што си играат со формата на некој постмодернистички начин. Вториот дел од романот е автофикција и ни кажува за семејна трагедија и начините на кои луѓето се справуваат со тагата.

„Среќникот“, Надифа Мохамед
Надифа Мохамед е годинашен фаворит за оваа престижна награда, а книгата е инспирирана од вистински настани, што ја прави уште поинтересна. Главниот лик е морнар, кој, како вистински слободен дух, талка по морињата додека не се заљуби во една девојка. Откако ќе ѝ признае дека се занимава со ситни кражби, тој е уапсен за убиство, така што неговиот свет се врти за 180 степени. Дејството се одвива во Кардиф, по Втората светска војна, и всушност зборува за тоа колку неуспех имала Велика Британија кога станува збор за грижата за луѓето од делови на светот, кои некогаш одамна биле колонизирани.

„Збунетост“, Ричард Пауерс
Ова е уште еден писател што не само што бил во потесен избор за некоја награда, туку и освои Пулицерова награда во 2019 година. Со својата книга „Шума над шумите“, тој влезе на голема врата на светската сцена и ги освои срцата на читателите. Веруваме дека со книгата „Збунетост“, таа љубов дополнително ќе се зајакне, со оглед дека ни ја носи приказната за астробиолог и неговиот син со посебни потреби, кои патуваат низ вселената на далечни планети.

„Големиот круг“, Меги Шипстед
Романот „Големиот круг“ е немилосрдно возбудлива приказна во која главните ликови се две жени. Првата е храбра авијатичарка што живеела по Првата светска војна и чија репутација често била доведувана во прашање. А другата хероина е позната холивудска актерка, која во 21 век се обидува да ја спаси репутацијата на таа жена, чија улога треба да ја глуми во новото остварување.