Филмофилите од осум европски земји, меѓу кои, покрај Србија, Босна и Херцеговина од регионот, се најде и Македонија, имаат можност бесплатно да го посетат 77. Филмски фестивал во Венеција, кој ќе се одржи во почетокот на септември. Претходно треба да се вклучат во натпреварувањето „Европски филмски предизвик“, кое трае од 10 јуни до 12 август.

Заинтересираните имаат шанса во текот на десетте наредни недели да изгледаат десет европски филмови, потоа да се логираат на сајтот europeanfilmchallenge.eu, да постават фотографија како доказ дека го гледале филмот и да собираат бодови. Секој европски филм донесува четири бода, а секоја различна платформа се наградува со три поена.

Платформата може да биде кино, филмски фестивал, ТВ-канал, ВоД или кој било друг легален вид на прикажување. Најголемиот филмофил или личност со најголем број бодови во овој круг освојува патување на 77. Мостра во Венеција.
Со оглед на ситуацијата со коронавирусот, ако дојде до откажување на фестивалот или патувањето во Италија не е можно во тој момент, победникот како награда ќе добие годишна претплата на сајтот dafilms.com и проeктор за да може во својот дом да ужива во омилените филмови.

Натпреварот „Европски филмски предизвик“ истовремено се одржува во Србија, БиХ, Македонија, Чешка, Шпанија, Португалија, Литванија и Летонија. Станува збор за млада филмофилска заедница на вљубениците во европскиот филм желни да го доживеат киното од првите редови преку содржини од зад сцената, филмски препораки и ексклузивен пристап до европските филмови и фестивали – „Берлинале“, Кански филмски фестивал и Венеција филм фестивал. Во првиот натпревар за „Берлинале“ победи Моника Зафировска, а во вториот за Кан победи Христијан Трајковски.

Проектот го имплементира центарот за социјални иновации „Блинк 42 – 21“, со поддршка од програмата на „Медиа – Креативна Европа и Европската филмска индустрија“.