Иако можеби не сте чуле за Вилхелм Рајх, веројатно сте чуле за „ Cloudbusting “ на Кејт Буш или за „ Birdland “ на Пети Смит. Двете песни се напишани за Рајх. Секако, познат ви е и терминот „сексуална револуција“, израз кој го смисли самиот Рајх.

Кејт Буш инспирирана од Рајх ја напиша песната „Cloudbusting“

Оргазмот е интензивно искуство на задоволство, кое може да предизвика големи чувства меѓу двајца партнери. Но може ли да биде и повеќе од тоа? Може ли оргазмот да спречи болест? Дали оргазмите се поврзани само со благосостојбата на човечките тела, или и со здравиот политички живот? Дали оргазмите се антифашистички и можат да спречат тоталитаризам?

Ова се само дел од радикалните идеи на несфатениот психоаналитичар, кој имал големо влијание врз целокупната култура.

Рајх е роден 1897 година во богато семејство на територијата на денешна Украина. Тврдел дека изгубил невиност на 11 години со домашната готвачка и дека првпат посетил јавна куќа кога имал 15 години. После служењето војска, студирал медицина во Виена. Кога чул дека Сигмунд Фројд, основачот на психоанализата, држи семинар за сексот, го посетил и му побарал стручна литература.

Фројд почнал да му испраќа пациенти, а Рајх почнал да развива свои теории, уверен дека сексот може да лекува. Кога Рајх ја напишал „Функцијата на оргазмот“ во 1926 година, бил убеден дека квалитетниот сексуален живот го подобрува физичкото здравје. После книгата, патиштата на Фројд и Рајх се разминале поради различните убедувања.

– Непромислен млад човек, кој во гениталниот оргазам гледа противотров за секоја невроза – напишал во една прилика Фројд за Рајх.

Кога Фројд заболел од карцином, Рајх сметал дека тоа е последица на сексуално незадоволство.

Непосредно пред Втората светска војна Рајх побегнал во САД, каде што идеите му станале уште поексцентрични.

Открил мистериозна животна сила, која минува низ универзумот и тече низ атмосферата. Ја нарекол „оргон“ и измислил „оргонски акумулатор“, во кој човек може да седи и да ги прими овие енергии. Голем бил колку телефонска говорница и направен од дрво со повеќе слоеви од челик и волна од овца, која апсорбирала и задржувала енергии, нешто како стаклена градина. Рајх верувал дека седењето во кутијата може да излекува рак.

Оргонски акумулатор

Во 1941 година тој го посетил Алберт Ајнштајн во неговиот дом во Њу Џерси и минале часови и часови во разговор. Ајнштајн љубезно го ислушал, меѓутоа не бил придобиен.

Рајх потоа открил опасно поле на негативна енергија и измислил „растурач на облак“, со чија помош се уништувала таа енергија. „Растурачот“ изгледал како противавионски митралез, со долги цевки, а една од неговите намени била и да предизвика дожд.

На американските власти не им се допаднале неговите идеи за моќта на акумулаторите, а неговото членство во Комунистичката партија во Австрија во 1928 година, го правеле уште посомнителен во очите на ФБИ.

На Рајх му било забрането да ги продава акумулаторите, а потоа е уапсен и затворен. Неговите книги за психологија на фашизмот, која се должела на сексуална репресија, се запленети и запалени. Рајх починал во затвор во 1957 година.

Меѓутоа, боемската интелигенција веќе била освоена од неговите изуми и тврдења.

Писатели, поети, режисери, музичари, уметници, голем дел од нив биле инспирирани од Рајх. Тој бил тотемска фигура во некои феминистички движења, во хипи-движењето, а често се цитирал и на бројни протести. Неговите акумулатори и „оргонски кутии“ и денес се популарни.

Студентските протести во Париз во 1968, кога ѕидовите на „Сорбона“ биле испишани со слогани на Рајх