„Театар фабрика“ со претставата „Човекот и огнот“ во режија на Дејан Пројковски вчера гостуваше на театарски фестивал во Саранда, Албанија. Меѓународниот летен фестивал „Бутринти“ се одржува на истоимениот антички локалитет.
Фестивалот има долга традиција и локалитетот каде што ќе се одржи претставата е автентичен во однос на естетиката и поетиката што ја носи претставата „Човекот и огнот“. Таа зборува за вечната борбата меѓу доброто и злото, за конфликтот меѓу човекот и боговите и за страданијата што човекот треба да ги издржи по патот што води до вистината. Мотивот на претставата е базиран врз античките митови што во себе го содржат пркосот на човекот кон боговите. Претставата е создавана низ еден истражувачки процес каде што врз принципите на античката драма и трагедија е изграден сопствен сценски јазик на постмодерна античка драма. Главен елемент на претставата е жестокоста на актерската игра и тестирањето на границите на човечката издржливост на сцена.

Креативниот тим во овој проект го сочинуваат: Валентин Светозарев, сценограф, Марија Папучевска, костимографка, Горан Трајкоски, композитор, Олга Панго, кореографка и Андреј Цветановски, асистент на режија. Во претставата играат: Томе Станковски, Марија Петреска, Андреј Лалчевски, Марија Кондовска, Марија Баркова, Ванеса Тримчевска и Кристина Гиева. „Театар фабрика“ е независен театар што овозможува преиспитување и создавање вистински театарски вредности, експериментален пристап и постојана надградба на професионалните капацитети на театарски уметници вклучени во креативните процеси. Создаден е како место за лабораториски процеси и надминување на конвенционалните театарски стандарди.