За време на полицискиот час од 10 до 12 април, графичкиот дизајнер Небојша Гелевски-Бане создаде нов уметнички проект, кој го сочинуваат мали инсталации и фотографии каде што главен лик е „научник“ во заштитна облека

Најнапред заблагодарувајќи се за интересoт што го покажавме за неговиот најнов уметнички проект, насловен „Човекот во жолтото одело“, кој го сочинуваат мали инсталации и фотографии, кои графичкиот дизајнер Небојша Гелевски-Бане ги изработил во својот дом во скопската населба Влае за време на полицискиот час од 10 до 12 април, тој со задоволство ни го откри и процесот на нивното создавање. Главниот лик во несекојдневната приказна е „научник“ во заштитна облека, а како што и споменува авторот во описот на своите фотографии, научникот е персонификација на секој од нас соочен со ситуацијата во која се најдовме со коронавирусот, од физичката промена со маски и ракавици, па до мислите што принудно нѐ окупираат деновиве.

– Вирусот стана сеприсутен. И физички и метафорички. А нашата тотална исповрзаност и преплетеност меѓу луѓето, предметите и природата, го илустрира најдлабокото влијание на пандемијата врз нашите општества. Затворањето во домовите стана можност за отворање нови перспективи и можност за нови размислувања или преиспитувања на нашите вредности, приоритети, ставови и стравови. Во фокус сега е нашата интеракција со природата, семејството, пријателите, нашето разбирање на слободата и политиката, грижата за менталното здравје. Просто сме натерани на интроспекција и на преиспитување на нашето однесување – што е добро – посочува Небојша Гелевски.
Светот на минијатурниот „научник“ деновиве го доби и заслуженото внимание во медиумите и на социјалните мрежи.

– Во деновите пред викендот гледавме неколку филма на теми за вируси и пандемии, меѓу кои и „Аутбрик“ (1995), кој го гледал знае дека главните протагонисти носат карактеристично жолти заштитни костими. Мали фигурички собирам од „Амазон“ и „Алиекспрес“ веќе неколку години, често ме прашуваат „чуму ти се?“, а во таа колекција е и „Жолтиот човек“. Пред да почне викендот со целосниот полициски час, во последен момент ги зедов фигурите од работа, од „Кома дизајн студио“, како и неколку хамери во боја, кои се сценографија за некои од инсталациите на човечето. Темите како физичката дистанца, образованието на децата, феноменот на тоалетната хартија, осаменоста без нормалната комуникација со родителите и пријателите, менталното здравје и стравот од смртта, која никогаш не била толку конкретна и нумеричка, неизвесниот поглед во иднината, ме инспирираа за проектот. Направив над 400 фотографии.

Во дневната соба имав импровизирано фотостудио, а во дворот, пролетта си го направи своето. Во 61 час карантин, имаше доволно време да се направи список од теми што ми се вртеа низ главата, да најдам соодветни реквизити за да ги илустрирам, како логичката сложувалка на ќерка ми со магнетните стапчиња и топчиња од кои ја направив структурата на коронавирусот. Дифузна сончева светлина низ прозорецот, но и собни светилки и мали батериски ламби се дел од реквизитите, кои ги користев при фотографирањето. Добив прашања, веројатно знаејќи дека сум и графички дизајнер, дали се работи за некои напредни фотоштоп-техники, но не се. Фотошоп и Лајтрум користев само за бришење непотребни делови од фотографиите, колорно дотерување и ставање вињети. Фотомонтажа не е употребувана воопшто – вели Гелевски, истакнувајќи дека во овој проект секоја тема си имала свое обмислување, но и дека уживал во правењето на инсталациите и фотографирањето.

И неговото студио за дизајн, во согласност со препораките, работи од дома, а благодарение на природата на работата може и да си го дозволи тоа. И Гелевски и неговите колеги се дома веќе 3-4 недели и како што нагласува тој, особено се продуктивни. Работењето од дома го опиша како „чуден коктел од викенд и работен ден“.
– Малку правиш појадок за дете, па малку читаш мејлови, па малку чистиш кујна, па малку праќаш понуди, малку дизајнираш, па дошло време за ручек и „по една ракија“, некои денови закажани состаноци со клиенти на Зум, онлајн-часови во дизајн-академијата во која предавам, па некоја серија или филм за релаксација и така одново. Работниот процес се одвива, веројатно, како кај голем број компании, во директна зависност од клиентите. На пример, имаше откажани настани од страна на нашите клиенти поради забраната за собирање на јавни места.

Тоа автоматски го намали обемот на работата, но ќе најдеме начин да се справиме заеднички и со тој предизвик. Имаме одлична комуникација и разбирање со клиентите, па ги решаваме во од сите тешкотии што настануваат поради ситуацијава со пандемијата – истакна Гелевски.
При презентирањето на ова уметничко дело е посочено и дека осаменоста, немата комуникација, понекогаш мрачната атмосфера, се контрастираат меѓусебно на фотографиите, кои прикажуваат и среќни моменти, како што е допирот со природата или комуникацијата со пријател, но без вообичаениот човечки допир.

– Криејќи се од вирусот, во постојани промени на расположението, ненадејно откриваме микрокосмоси што обично ги занемаруваме. Гледајќи се себеси како предмет, нашите реакции и меѓуодноси, ни се отвора фина подлога за размислување – во која насока ќе се промениме? Ќе станеме ли помудри по корона-изолацијата? Дејствувајте одговорно, останете дома и почитувајте ги препораката на медицинскиот персонал, научниците и на надлежните органи – порачува графичкиот дизајнер.