Во рамките на манифестацијата „Кавадаречка културна есен“ синоќа во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ се одржа средба со читателите на книгата „Маалски прикаски 1+2“ од Синиша Станковиќ, како дел од една мини турнеја на авторот во повеќе македонски градови како Струмица , Битола, Прилеп и Куманово.

Станува збор за книга во која на јасен , едноставен, непосреден начин се раскажани малските вистинити прикаски од детството на авторот. За разлика од неговата прва книга „Маалски прикаски“ издадена 2007 година, во оваа книга освен
неговата носталгија за младост и едно убаво понинато детинство, во вториот дел Синиша Станковиќ повеќе зборува за разликите од тоа време кога маалските дружби и најразлични игри се заменети со компјутери, таблет-компјутери и паметни телефони.

Дел од прикаските на средбата интерпретираше актерот Александар Малинков заедно со авторот, а двајца млади музичари со своите гитари музички ја збогатија средбата со читателите. Во прикаските на Синиша секој читател да може ги препознае своите маалски херои, ликови и случки кои наликуваат на сите маала.

Останува само да го препознаете неговото новинарско перо, како мајстор на занаетот така добро да го раскажува животот кој многу брзо поминува и носи едни нови сосема поинакви малски прикаски. Ми.М.