Мултимедијалниот македонски уметник Игор Јосифов деновиве ги постави делата од својот проект „Че бидe“ во просторот под број 7, на првиот кат на палатата „Палацо Мора“ во Венеција, во рамките на петтото издание на биеналната изложба „Лични структури-идентитети“, организирана и поддржана од Европскиот културен центар. Изложбата ќе биде отворена денеска и утре во палатите „Палацо Мора“ и „Палацо Бембо“, како и во Џардини Маринарес, при што ќе бидат одржани и серија перформанси и разговори организирани од уметниците. Публиката ќе може да ја погледне изложбата до 24 ноември, до затворањето на годинашното 58. Венециско биенале, кое официјално почнува на 11 мај.

– Презадоволен сум од професионалноста на тимот на Европскиот културен центар, кој неуморно работи на финализирање на изложбата, од самата локација и видливоста на „Палацо Мора“, каде што секоја година доаѓаат над 600.000 посетители. За годинава е најавено учество на историски важни уметници меѓу кои се и Јоко Оно, Херман Нич, а своите проекти во националните павилјони ќе ги презентираат и уметници од Сејшелските Острови, Кирибати и Мозамбик. Изложбата ќе претставува широк избор на дела од новите и меѓународно признаени уметници, фотографи, скулптори, а ќе бидат презентирани и проекти на академски институции од целиот свет, при што ќе бидат илустрирани различните субјективни рефлексии на темите „Време, простор и егзистенција“ и на концепти на идентитетот. Резултатот е хетерогено и стимулирачко шоу што има цел да ги подигне мислите и размислувањата за нашите животи – вели Јосифов.

Неговиот проект „Че биде“ претставува трансформациска инсталација што го одразува светот во време на промени, кој секојдневно влијае на нашата иднина, и е посветен на авторските уметнички права.

– Со него ќе ги претставам клучните дела што се симболично поврзани со темата, вклучувајќи го и моето дело „Нелсон Мандела“, кое успеав да го вратам од Федералната полиција во Париз каде што се наоѓаше откако беше украдено во една од галериите во истиот град во 2014 година. По долгата правна битка, ова дело ќе биде изложено првпат во јавноста токму на изложбата „Лични структури“. Делото содржи значајна историска порака за човековите права и е коментар за современите случувања по ова прашање поврзани со многу уметници од светот – вели уметникот, напоменувајќи дека на изложбата ќе биде прикажан и нов филм со наслов „Че биде вистина“, снимен од кинематограферот Самир Љума во кој учествува и моделката Катарина Ивановска.

Филмот е базиран на животот на Игор Јосифов и на неговиот креативен процес, кој е тесно поврзан со приказна што ќе се одвива за време на биеналето. За 10 маj во Венеција е најавена посета на неговата изложба од професори од универзитетот „Монтана Стејт“ од Билингс, Монтана, САД, кои на 18 мај ќе присуствуваат и на отворањето на самостојната изложба на Јосифов во Музејот на градот во Кавадарци.