На 5 и 6 февруари, со почеток од 19 часот, во киното на Кинотеката на Македонија, ќе се организира зимското издание на фестивалот „Скопје синема сити“, односно „Загревање“. За време на овој дводневен филмски настан ќе бидат прикажани 4 филма, почнувајќи со филмот за реномираниот филмски композитор Филип Глас, „Гледајќи го Глас“.

Во декември 2019 г., фестивалот му ја врачи наградата за животно дело на Глас за достигнувања во музиката и филмот, и по тој повод настанот ќе го прикаже овој филм за Глас во режија на Ерик Дармон. На 31 јануари 2020 г. тој наполни 83 години и сѐ уште е активен и како композитор и како изведувач. Тој е еден од четворицата основоположници на минимализмот, правец во класичната музика, кој во 1960-тите и 1970-тите направил револуција во класичната музика. Зад него е огромен опус, кој се состои од голем број симфониски дела, филмска музика, опери, музика за театар, дела за соло-инструменти, хорска музика итн. Истата вечер ќе биде прикажан филмот на Фолкер Шанер за даб-реге легендата Ли Скреч Пери, „Визијата за рајот на Ли Скреч Пери.“

На 6 февруари ќе бидат прикажани филмовите: „Квин: Приказната зад Боемската рапсодија“ и „Постигни или умри: Приказната за пијанистот Ланг Ланг“.