Книжевниот фестивал за мали фикции „Друга приказна“ од 5 до 8 септември по четврти пат ќе се одржи во Младинскиот Културен Центар.

Фестивалот е регионален по својата природа и во четирите фестивалски дена дваесетина значајни имиња од регионот заедно со исто толку домашни, ќе креираат, дискутираат и осознаваат нишајќи се на границите меѓу можното и неможното. 

Она што е посебно значајно оваа година е одбележувањето на два важни јубилеја: 25-годишнината на списанието за култура „Маргина“ и 10-годишнината од порталот „Окно“. Тоа е и една од причините насловот на главната тема на фестивалот оваа година да биде „На маргините“.

Лауреат на четвртата „Друга приказна“ е Ненад Величковиќ, писател од Сараево, Босна и Херцеговина. Величковиќ има комплексен и разгранет книжевен опус (неколку негови книги се преведени и на македонски), но има и големо искуство во некои алтернативни образовни книжевни практики кои често се занимаваат и со тоа која книжевност треба да биде „канонска“ („национална“, школска), а која да биде „на маргините“.

Со овогодинешната фестивалска тема „На маргините“ целта е да се разговара за маргините како физичка или ментална ситуираност или светоглед. За маргините како политички, географски, стратешки, општествен, културен, егзистенцијален, поетички или книжевен феномен. Маргината има за цел да одржува рамнотежа помеѓу субверзивноста и конструктивноста, да ги предизвикува на редефинирање констелациите на моќ. Таа е неопходна за постоењето на центарот и го дефинира, непрестајно ја напаѓа неговата стабилност, без притоа да има намера да го замени.