Цртежот на Леонардо да Винчи „Мечка на главата“ беше продаден на аукција за рекордни 8,8 милиони фунти. Цртежот е направен на розовa-беж хартија, со големина од седум на седум сантиметри, а датира од 1480 година. Потписот на Леонардо да Винчи е напишан во долниот десен агол.
Купен е на аукција на куќата „Кристи“, од неименувана „семејна фондација“, а тоа е најскап цртеж на хартија од творештвото на Да Винчи. Претходно во 2001 година, цртежот „Коњ и јавач“ на Да Винчи беше продаден за повеќе од осум милиони фунти, што беше рекорд во таа категорија. Сликата на главата на мечката пред продажбата беше изложена во Њујорк, Хонгконг и во Лондон.
Говорејќи пред продажбата, Бен Хал од куќата „Кристи“ во Њујорк го опиша цртежот како „едно од најважните дела од ренесансата што завршило во приватни раце“.
– Со текот на времето, ова дело беше сопственост на некои од најистакнатите колекционери што ги чуваа делата на старите мајстори, а последниот сопственик го поседуваше цртежот од 2008 година – рече Хал.
Аукциската куќа изјави дека тоа е „еден од најмалку осумте зачувани цртежи на Леонардо, кој сè уште е во приватна сопственост“.
Сопственоста на цртежот може да се следи сѐ до британскиот сликар Томас Лоренс. По неговата смрт во 1830 година, тој му припаднал на неговиот пријател и трговец Самуел Вудбурн. Според податоците на куќата „Кристи“, тој ѝ го продал цртежот на куќата во 1860 година за 2,5 фунти.