Во фоајето на Кинотеката на Македонија е отворена изложбата „Црногорски филмски плакат“, која содржи четириесетина плакати на филмови од црногорската кинематографија, но и копродукциски проекти, реализирани главно во втората половина на дваесеттиот век, но и од поновиот период. Повеќето од изложените експонати се дел од единствената оригинална колекција на филмскиот режисер Момир Матовиќ, како резултат на неговото децениско трагање по кинотечните архиви, библиотеки, архивите на филмските продуценти и дистрибутери, а некои се откупени од приватни колекционери. Таа е продолжение на културните активности што ги спроведува Амбасадата на Црна Гора во Македонија, во рамките на претставувањето на црногорската култура и идентитет.

Најавена е и како своевиден виртуелен музеј на црногорската кинематографија, во кој може да сретнат различни филмски стилови и теми, од различни автори (Живко Ни­­ко­лиќ, Здравко Велимировиќ, Вељко Булаиќ, итн.), како и мноштво црногорски и бившојугословенски актери, но и некогашните филмски ѕвезди и од Истокот (Сергеј Бондарчук) и од Западот (Џозефина Чаплин)…
– Црногорската кинематографија, во текот на своето создавање, по Втората светска војна, опстанокот и денешното битисување, со продуцираните филмови, изборот на темите, визуелниот идентитет, наградите и признанијата на домашните и светските фестивали, стана незаобиколен сегмент од црногорското културно наследство – стои меѓу другото во предговорот на монографијата „Црногорски филмски плакат“.
Изложбата ја отворија амбасадорката на Црна Гора во Македонија, Марија Петровиќ, и директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов.