Со доаѓањето на чело на новото раководство на центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, работите во оваа институција тргнаа по нагорна линија. Кумановци укажуваат дека откако на чело на центарот дојде новиот директор Сашо Тодоровски, културата во Куманово полека но сигурно почна да се враќа на местото што го имаше со децении наназад.

Минатата година се одржаа безброј културни настани од кои што секако ударно место зазеде традиционалниот театарски фестивал „Денови на комедијата – Куманово 2018“, каде што беа прикажани 14 претстави во изведба на познати и реномирани театарски куќи од Македонија и од соседните земји, а кои наидоа на голем интерес и завидна посетеност од околу десетина илјади љубители на театарската уметност. По подолго време фестивалот оствари и солидни финансиски резултати.

Голем интерес кај кумановци предизвика и театарската комедија „Примадона“, во која во главните улоги настапија некои од најпознатите глумици од поранешна Југославија, како што беа Тања Бошковиќ и Рада Ѓуричин.

Во центарот се одржаа и над дваесетина настани со ликовни изложби и промоции на книги, а во летните месеци се организираа и концерти на млади и надежни рок групи од градот како бендовите „Кара“, „Еос“ и „Варденлајф“, кои наидоа на големо одобрување и голема посетеност од страна на младата публика.

Од страна на ЦК „Трајко Прокопиев“ не беа заборавени ниту најмладите кумановци од претшколската возраст и основците за кои што центарот организираше 5-6 ликовно креативни работилници насловени како, “Насликај го мојот град”, “Омилениот јунак од цртаните филмови” и др.

Во рамки на центарот работи и Кумановскиот народен театар со мултиетнички карактер со над триесетина вработени артисти, кој мината година имаше четири премиерни театарски престави од кои што една беше на албански јазик.

Немањето на централно парно греење во моментов е голем хендикеп за центарот во зимскиот период и токму поради овие причини во него не може да се извршуваат планираните работни задачи и обврски. Пред десетина години под мистериозни околности беше украден парниот котел за централното греење кој беше лоциран во соседен објект. Раководството на центарот има изработено проект план за набавка за нов котел кој е предаден до министерството за култура од каде што се очекува брза реакција.

За оваа година по повод 500 години од постоењето на градот Куманово центарот планира претстава со гостување на Македонската опера и балет, а во Кумановскиот народен театар секој месец е планирана по една претстава во изведба на МНТ. Т.Д.