Наскоро Битола ќе добие отворено летно кино. Центарот за култура одлучи во наредните денови да отвори мало летно кино, кое ќе биде сместено на косото плато под службениот влез на Центарот за култура и Малата сала.

Капацитетот на летното кино ќе биде ограничен на околу 50 посетители, а цената на влезниците ќе биде по симболична цена од 100 денари. Филмските проекции ќе бидат реализирани по здравствените протоколи, меѓу кои на посетителите ќе им биде мерена телесна темпратура, задолжителна ќе биде дезинфекцијата на раце и носењето на маски. Билетите за проекциите ќе се продаваат пред почетокот на проекциите по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Сите проекции ќе почнуваат во 20.30 часот, се вели во соопштението од Центарот за култура во Битола. Инаку, во репертоарот на летното кино ќе бидат вклучени наградувани европски филмови од познати режисери и разни жанрови.

Реализацијата на проекциите ќе зависи од временските услови, а репертоарот ќе се објавува на неделно ниво, при што секој ден ќе се прикажува нов филм.

Летното кино ќе почне со работа од утре, во 20.30 часот со проекција на комедијата „Добредојдовте во Германија“. М.М.