Националната установа Центар за култура-Битола наскоро ќе добие нов лик. Со поддршка на Министерството за култура, најпрво почна со замена на старата дотраена дограма, како и на вратите и друга инсталација.

Согласно проектната документација на објектот што се наоѓа во централното градско подрачје, ќе бидат заменети вратите на главниот влез, двојните влезни врати кои водат кон големата сала на битолскиот Центар за култура и безбедносниот систем за заштита од пожар.

– Центарот за култура минатата година доби средства за промена на влезните врати на институцијата, за кои техничката подготовка е завршена на крајот на минатата година, а градежните активности се веќе започнати и во следните дена ќе имаме нова дограма на главниот и службениот влез на институцијата и реновирана портирница. Оваа година во делот за инвестициите, добивме средства за промена и санација на системот за дојавувачи на пожар, проблем за кој алармиравме и кај претходните два министри, а не засега и нас како Центар за култура, но и Битолскиот Народен театар, како и публиката која ги полнеше нашите сали. Се радувам, што освен програмски, во изминатиот период направивме и технички подобрувања на институцијата. Да напоменам дека од сопствени
средства успеавме да набавиме нова миксета за светло, со која се oсовременивме и пред се ја заменивме расипаната миксета, стара 40 години, направивме од корен нова билетарница, набавивме нов мотор и го саниравме расипаниот агрегат, извршивме и санација во системот за парно греење, ги варосавме канцелариите и со донација добивме нов под со што го заменивме стариот синтелон со ламинат. Со донацијата на „Еуроимаж” се набавија и 450 нови 3Д Долби наочари – информира директорката на НУ Центар за култура- Битола, Маја Андоновска-Илијевски. М.М.