Изборот на композициите и начинот на кој ги исполнувам барем за момент духовно ќе ги одведат луѓето на некое поубаво место, таму каде што можеме да се соочиме со сонцето и да си го замислиме животот во неговиот полн сјај, вели Мирковски

Бобан Мирковски, пијанист

Младиот пијанист Бобан Мирковски го издаде цедето „Facing the sun“, со изведби на дела за пијано од композиторите Арам Хачатуријан и Фредерик Шопен, кое наиде на добар прием кај публиката, а доби и одлични критики. Очигледно пандемијата не ги намали креативноста на Мирковски и желбата врвните способности како пијанист да ги покаже пред публиката.

На вашето ново цеде изведувате дела од Арам Хачатуријан и Фредерик Шопен. Како ги споивте овие навидум многу различни автори?
– Сакав да направам спој на музиката што на некој начин ја обележува целата моја досегашна кариера и токму затоа Шопен е неизбежен како еден од најголемите композитори за пијано на сите времиња, а неговите четири скерца не случајно се одбрани како мои омилени дела. Што се однесува до Арам Хачатурјан, тој е дефинитивно мојот омилен композитор и досега ги имам свирено речиси сите негови дела. Тоа се композитори што творат во различно време од историјата и во различен период на уметноста, но ги поврзува нивната генијалност во пијанистичкиот израз и хармонии, кои се специфични, а кои за мене имаат посебно значење. Затоа направив спој што ќе опфати поширока публика. Засега реакциите се одлични, и на публиката и на критичарите.

Што сакате да им порачате на слушателите со овој избор?
– Во време кога сите живееме во страв и неизвесност, уметноста ни дава надеж барем за момент да се оттргнеме од црните мисли со кои сме опседнати веќе подолго време, така што изборот на композициите и начинот на кој ги исполнувам барем за момент духовно ќе ги одведат на некое поубаво место, таму каде што можеме да се соочиме со сонцето и да си го замислиме животот во неговиот полн сјај.

Лани го изведовте делото „Атараксија“ на вашиот татко, композиторот, аранжер и диригент Љупчо Мирковски. Насловот значи духовен мир, нирвана. Дали таа состојба ја почувствувавте додека го изведувавте делото?
– Чувството да се настапува на иста сцена со човекот што е мој идол, во секоја смисла на зборот, не може да се опише со зборови. Уште како мал сонував еден ден да можам да настапам со мојот татко, за кого нескромно можам да кажам дека е еден од најуспешните музичари кај нас, така што возбудата беше огромна и се надевам дека тие емоции ѝ ги пренесов на публиката. Делото „Атараксија“ е еден вид поп-симфонија, напишана за пијано и оркестар, која ја компонираше долги години, а акцентот е ставен на пијаното, напишано специјално за мене. Дополнителна мотивација ми даде оркестарот што специјално за таа пригода беше составен од професионални музичари од нашите национални оркестри.

Со што сте преокупиран во моментов?
– Во моментов работам на нова програма, повторно во мој стил, значи некоја комбинација на сериозна музика со правците од 20 век, како и новосоздадена музика, која се надевам дека што поскоро ќе можам да ѝ ја претставам на публиката.

Кога планирате концертно, можеби онлајн, да го промовирате новото цеде?
– Во зависност од состојбата, се надевам дека ќе имам можност за квалитетна концертна промоција на албумот. Да бидам искрен, не можам лесно да се навикнам на „новото нормално“ и на правење онлајн концерти без публика, така што се надевам дека наскоро повторно ќе имаме можност да настапуваме пред и за публиката, и колективно да се прегрнеме по настапот.

Убаво е кога се учи од најдобрите, во вашиот случај тоа е маестро Симон Трпчески. Што конкретно искористивте од неговиот начин на музицирање?
– Во мојот образовен процес имав можност да учам од најдобрите, покрај Трпчески, и од Александар Сердар од Србија и Даница Стојанова, која е мојата прва професорка и една од најзаслужните личности што јас станав пијанист. Од секого се трудев да купам знаење и секој од нив имал посебно влијание на мојата техника и музички израз. Она што го научив е дека треба да бидам свој и да се обидам да оставам сопствен музички печат, без да се обидувам да копирам некого.

Работите како професор по пијано, какво е чувството да им го пренесувате своето знаење на младите таленти?
– Чувството да се работи со млади музички таленти е прекрасно, секое дете си има свои карактерни особини, што ми е огромен предизвик. Навистина имаме големи музички таленти со кои треба многу да се работи за еден ден да станат професионални музичари што ќе остават трага на нашата сцена.