Живко Поповски – Цветин (лево) и Мартин Треневски

По повод устоличувањето на јапонскиот престол на императорот Нарухито, членовите и едни од основачите на македонско-јапонското друштво на пријателство и соработка, поранешниот министер и амбасадор Мартин Треневски и уметникoт и хуманист Живко Поповски Цветин упатија честитка до императорот Нарухито со израз на најубави желби за мир и просперитет на пријателска Јапонија.

Честитката се состои од пригодно писмо и примерок на слика од серијата „Цвеќе на мирот“, со која серија Поповски-Цветин се прослави ширум светот. Императорот Нарухито го презеде јапонскиот царски престол по абдикацијата на неговиот татко, императорот Акихито, кој беше владетел на Јапонија од 1989 година. Императорот Нарухито е 126-ти цар на Јапонија. Јапонската царска династија започна од шестиот век пред нашата ера и е најстара царска династија на планетава.

Живко Поповски Цветин досега има подарено над 50.000 слики од серијалот „Цвеќе на мирот” на стотици државници и познати личности ширум светот ( Перез Де Куељар, Бутрос Б. Гали, Кофи Анан, Џорџ Буш, Михаил Горбачов, Вили Брант, Сандро Пертини, Индира Ганди, Мајка Тереза и др.). Досега има над триста самостојни изложби и ликовни работилници на кои прикажал свои слики со темата „Цвеќе на мирот”, а добитник е на повеќе награди и признанија (државна награда „Мајка Тереза“, највисоки признанија на Црвениот Крст на Република Македонија и др.).

Добитник на слика “Цвеќе на мирот” е и досегашниот и сега бившиот император на Јапонија, царот Акихито, кога го презеде престолот во 1989 година, по што практично започнаа бројните активности на македонско-јапонското друштво на пријателство и соработка, што кулуминираа со отворање на Јапонска амбасада во нашата земја.

Јапонија е еден од најголемите донатори на Македонија. Со јапонска финансиска помош се опремени повеќе болници во нашата земја, а најголема помош, секако, е финансирање на системот за водоснабдување „Злетовица“, како и во здравствениот и земјоделскиот сектор.

Живко Поповски – Цветин