Од 9 јануари во Кинотеката на Македонија ќе се прикажуваат филмови за деца од хрватската кинематографија, а циклусот се отвора, во 19 часот, со филмот „Брканица по моторот“ од 1959 година во режија на Бранко Мајер. Сценариото е на Славко Колар, а играат: Аугуст Чилиќ, Мирослав Чрљенец, Звонимир Ференчиќ, Соња Лихтер, Младен Шермент. Филмот е снимен според хумористичната приказна за деца „Брканица на мотор“ на хрватскиот книжевник Славко Колар, кој сценаристички ја адаптирал за филм.

Со организирањето на филмското производство по Втората светска војна, детскиот филм во хрватската кинематографија станува легитимен жанр што се одликува со континуиран број наслови и понекогаш со исклучително квалитетни филмски дела.
– Од наслови како „Синиот галеб“ (1953) и „Милиони на островот“ (1955) на Бранко Бауер, до серија филмови за литературниот јунак Коко „Коко и духовите“ (2011) и „Љубов или смрт“ (2014) на Даниел Кушан, како и „Таинственото момче“ (2013) на Дражен Жарковиќ, хрватските детски филмови се присутни во хрватската кинематографија многу често како екранизација на веќе постојни книжевни успеси. Но самата застапеност не би била доволна доколку тие не припаѓале на самиот врв на уметнички успешните филмови, за денес да бидат класици на хрватскиот филм и како такви да не биле прифатени од младата публика и критиката – се вели во најавата.

Хрватската кинотека на Хрватскиот државен архив од својот почеток со работа во 1979 година, покрај самите филмови, почнува со собирање и на придружен филмски материјал што се однесува на одреден наслов, а тоа да не е филмски запис. На програмата во Кинотеката на Македонија се и филмовите: „Пико“ на Среќко Вејганд , „Синиот галеб“ на Бранко Бауер , „Дружината на Перо Џумката“ на Владимир Тадеј, „Волк самотник“ на Обрад Глушчевиќ, „Капетан Микула Мали“ на истиот режисер и „Тајната на стариот таван“ на Владимир Тадеј.