Хрватскиот аудиовизуелен центар (ХАВЦ) одобри поддршка за нашиот најнов проект – долгометражниот игран филм со работен наслов „Mими“, по сценарио и во режија на Даријан Пејовски. Со тоа Хрватска, преку продукциската куќа „Максима филм“, и официјално се вклучува како земја копродуцент на овој филм.
„Мими“ е психолошка драма за девојка што, потисната од родовите предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Се запознава со eкстровертната Сара и меѓу нив се раѓа пријателство, кое набрзо преминува во опсесија. „Мими“ е филм за површноста и лажните фасади што ги покажуваме пред другите. Главната улога ја толкува Наталија Теодосиевска, а во филмот играат и Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Дениз Абдула и др.
Кинематографер е Дејан Димески, сценографијата е на Игор Тошевски, дизајнот на звукот на Игор Поповски, костимите се на Емилија Ивановска Атанасовска, а шминката на Ива Куробаса.