На многу начини природата ги инспирира уметниците. Во март минатата година, додека светот се аклиматизираше на пандемијата, британскиот уметник Дејвид Хокни ја направи сликата со светложолти нарциси насловена „Запомни дека не можат да ја откажат пролетта“. Таа е дел од изложбата со дела од современиот уметник Хокни и импресионистот Винсент ван Гог.
– Среде таков страв и неизвесност, Хокни понуди потребен излив на оптимизам, потсетувајќи нѐ сите дека природата, со нејзините постојани циклуси на преродба и обнова, сѐ уште може да понуди надеж – анализира новинарката на Кет Паунд, за „Би-би-си“, која ги разгледува сликите во кои инспирација е природниот свет.
Хокни долго време во своите дела го претставува природниот свет.
– Можеме да бидеме целосни само гледајќи во природата – вели тој.
Тоа гледиште многумина од нас го практикуваа во текот на изминатава година, бидејќи правевме долги прошетки за да ги смириме нашите брзи умови. Резултатите можат да бидат опипливи. Докажано е дека само 20 минути во природа го намалуваат нивото на стрес. Дури и гледањето уметнички слики со природата може да предизвика некои исти ефекти.
– Лицата на луѓето светнуваат кога влегуваат во галериите исполнети со природа – вели Ен Дума, кураторка на изложбата во Музејот на Ван Гог во Амстердам, која ја истражува љубовта на двајцата уметници кон природата, како и влијанието на Ван Гог врз Хокни.

Сликата со бујно зеленило и гранки полни со лисја што изгледаат како да се виткаат и треперат од радост, несомнено е едно од најважните дела на изложбата.
– Кога ја гледаат изложбата, луѓето се маѓепсани. Смирувачката визија на пејзажите е токму она што им требаше на посетителите. Луѓето ни пишуваат и ни велат: „Благодарам што ни ја донесовте оваа изложба“. Тие гледаат на поставката како на надеж – вели Дума.
Надежта ѝ беше потребна на Едит Девени, кустоска на изложбата во Кралската академија, во 2020 година, која поради мерките неколкупати ја одложувала изложбата. Хокни тогаш почнал да ѝ испраќа слики што ги завршил.
– Морам да кажам дека тие дела ме одржува. Тие се визуелно прекрасни и ви го менуваат расположението, тоа е навистина интересна работа, до кој степен тие всушност го зголемуваат расположението – вели Едит Девени.
Оваа изложба има влијание врз апсолутно секое човечко суштество.

Има големо значење за сите нас поради она што го поминавме на глобално ниво. Таа е потсетник за циклусот на животот, потсетник дека постои поголема сила од нас самите. Придобивките од природата, и во смисла на креативна инспирација и на подобрување на расположението, е нешто што натуралистката, дизајнерка и илустраторка Ема Мичел добро го разбира и појаснува.
– Нашиот мозок е цврсто поврзан со дрвјата, растенијата, со зелената боја. Бидејќи се обучив како научник, ме фасцинира она што природата го прави со нашите умови и мозоци. Дури и само 10 минути дневна креативност и дневна прошетка меѓу дрвјата и растенијата можат да направат огромна разлика за нашето ментално здравје – вели таа.
Луѓето навистина реагираат позитивно на нежните градации на бои на цвеќиња, зеленило или понекогаш на лисјата во есен.