Филозофски Филмски Фестивал во 11.30 ќе организира вебинар на тема „Точка на гледање: Ковид-19 и филмскиот сектор во Северна Македонија“ на кој ќе се отворат прашањата дали фестивалите треба да бидат откажани, одложени или да се изведуваат онлајн

Десеттиот Филозофски Филмски Фестивал (ФФФ), односно неговите ФФФ ПРОЛЕТНИ ОНЛАЈН МИГРАЦИИ, полека влегуваат во својата втора половина. За целиот овој период (заклучно со 31 мај) љубителите на седмата уметност од целата земја имаат можност во домашна атмосфера, бесплатно, да проследат 30-тина филмски остварувања поместени на македонската VoD платформа Cinesquare
(www.cinesquare.net/pff), во време коешто самите ќе го одберат.


Организаторите на Фестивалот, со цел да ја доближат публиката до специфичната фестивалска атмосфера, подготвија неколку заеднички гледања на филмовите („ако не на исто место, #voistovreme“), но и содржини карактеристични за „нормалното“ кинотечно одвивање. Во вака модерираната програма, на отворањето (21 мај) публиката можеше да го погледне долгометражниот документарен филм АНДРЕЈ ТАРКОВСКИ: ФИЛМСКА МОЛИТВА (2019) на Андреј А. Тарковски, еден вид тестамент за таткото од страна на синот на прославениот руски режисер. Оние коишто досега пропуштија да го погледат ова ретко остварување, сѐ уште имаат можност тоа да го сторат до крајот на Фестивалот. Влезот во филмот значително го олеснува видео-записот на филмологот д-р Атанас Чупоски, којшто (како и останатите фестивалски содржини) може да се најде и погледне на YouTube каналот на Фестивалот (Philosophical Film Festiva). На 23 мај, публиката заеднички го гледаше вториот филм од ФФФ Docs. сегментот, францускиот филм ЕДЕН ДРАМАТИЧЕН ФИЛМ (2019) на Ерик Бодлер, проследено со инструктивен вовед од страна на д-р Бошко Караџов, филозоф и научен истражувач. Петокот и неделата (22 и 24 мај) беа посветени на филмовите од Официјалната селекција на краткометражни филмови, односно 20 филмови од 17 различни земји по избор на селекторот, д-р Дејан Здравков. Според најавите, трочленото стручно жири ќе ги соопшти добитниците на двете награди („Златен був“ и Специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“) во сабота, 30 мај. Во рамките на краткометражните селекции ревијално беа прикажани /се прикажуваат/ и 3 други филма: луксембуршко/австриската копродукција БИТИЕ И НИШТОСТ (2007) на режисерката Бади Минк и два македонски филма: ОБРАЗ (2011) од професорот Стефан Сидовски и ЧЕТВРТОК (2013) на Милчо Манчевски. Со режисерот Манчевски на крајот од првата „краткометражна“ вечер беше организирана и онлајн Zoom-средба во живо. Видео-записот од 50-минутниот разговор на режисерот со програмскиот директор на ФФФ, Ана Дишлиеска-Митова, исто така, е достапен на социјалните мрежи на Фестивалот.

До завршувањето на првиот македонски онлајн филмски фестивал, публиката ќе може да проследи уште неколку модерирани настани. Така, веќе денес (среда, 27 мај), со почеток во 11:30 ч. ќе се одржи вебинар на тема: ТОЧКИ НА ГЛЕДАЊЕ: КОВИД-19 И СОСТОЈБИТЕ ВО ФИЛМСКИОТ СЕКТОР ВО С. МАКЕДОНИЈА, наменет, пред сѐ, за членовите на филмскиот сектор и претставници од медиумите. Гости на вебинарот ќе бидат претставници од сите сегменти на филмскиот сектор (фондови, кино сали, филмски фестивали, режисери, продуценти, дистрибутери) и тој претставува прв обид во нашата земја да се проговори за последиците за оваа индустрија од кризата, но и да отвори перспективи за изнаоѓање начини за полесен излез од тешката ситуација.

Петок (28 мај) е посветен на неколку среднометражни филмови како една новина на Фестивалот оваа година. Така, со почеток во 19:00 ч. публиката ќе може да погледне 3 филма. Првите два беа веќе најавени, односно, босанската црна комедија, КОНТРАПУНКТ (2019), на режисерот и сценарист Иван Короман, како и францускиот ЕДГАР МОРЕН, МИСЛИТЕЛ ВО ПАРИЗ (2019) од јапонската режисерка Момоко Сето, анимирано-документарнен филм за врската на светски познатиот филозоф, социолог и хуманист со неговиот роден град, Париз. Изненадување на вечерта е поетскиот документарен филм СЛИКА НА ЖИВОТНО (2019), на финскиот режисер Перту Сакса, со кого во 21:00 ч. ќе се одржи Q&A, модерирано од младиот македонски режисер Стефан Палитов. Станува збор за несекојдневен документарен филм за бесконечната врска помеѓу човекот и животното, како продолжение на минатогодишното запознавање на публиката на ФФФ со поетскиот документарен филм, тогаш преку Балтичкиот нов бран.

За сабота (30 мај, 20 ч.) е предвиден последниот филм од ФФФ Docs. сегментот, односно МАРСЕЛ ДИШАН: УМЕТНОСТА НА ВОЗМОЖНОТО (2020), на режисерот од САД, Метју Тејлор. Кон филмот за „таткото на концептуализмот“, Марсел Дишан, видео-вовед ќе даде професорот Кирил Трајчев, селектор на Официјалната селекција на долгометражни филмови на ФФФ.

Завесата на ФФФ ПРОЛЕТНИТЕ ОНЛАЈН МИГРАЦИИ официјално ќе биде спуштена во недела (31 мај, 20:00 ч.) со онлајн концерт на реномираната македонска пијанистка, Ема Попивода. На концертот којшто ќе се одржи во Кинотеката на С. Македонија и со поткрепа на Град Скопје, Попивода ќе го изведе својот оригинален музички перформанс „Acoustic electronics“, во чиј репертоар се авторски композиции на теми од електронските хитови кои се обработени во „класичен стил“ и се изведуваат на акустични инструменти.

Сѐ на сѐ, филмската публика и воопшто македонската културна јавност ја очекуваат уште многу интересни фестивалски содржини, понекое изненадување и, секако, квалитетни филмови достапни бесплатно за целиот овој период преку онлајн иницијативата на 10. Филозофски Филмски фестивал.