Награда за македонскиот и светски сликар и документарист, Киро Урдин

Министерството за култура на Франција извести дека станува покровител на фестивалите на кинематографиите на земјите на Југоисточна Европа во Париз и во Берлин, кои беа почнати уште во 2011 година, за интегрирање на балканските култури во Европа

Со официјално писмо до претседателот на фестивалот и ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Јордан Плевнеш, Министерството за култура на Франција извести дека станува покровител на фестивалите на кинематографиите на земјите на Југоисточна Европа во Париз и Берлин, кои беа почнати уште во 2011 година, за интегрирање на балканските култури во Европа.
Во досегашната историја на оваа манифестација, која стана културен прозорец на новите имиња на синеасти што првпат ги презентираат своите остварувања во двата најголеми центри на Европа, досега се прикажани над стотина играни и поголем број документарни, кратки и анимирани филмови.

Покрај тековната фестивалска продукција, во соработка со Балканската академија европеана, фестивалот ги воведе признанијата легенди на ЈИЕ, во која ги вреднуваше опусите на режисерите: Вељко Булајиќ, Душан Макавејев, Луцијан Пинтилие, како и на актерите: Мики Манојловиќ, Мето Јовановски, Раде Шербеџија, Јон Карамитру, Емир Хаџихафисбеговиќ, и оваа година познатата бугарска актерка Цветана Манева.
Од оваа година фестивалот воведе ново признание за животно дело во областа на филмската документаристика, кое го носи името на еден од најпознатите автори на документарен филм во светот, Фредерик Росиф (1922-1990), роден во Цетиње, Црна Гора – близок пријател на Абер Ками, Жан-Пол Сартр и Ернест Хемингвеј, кој го помина поголемиот дел од животот во Париз. Честа да ја понесе оваа награда му припадна на македонскиот и светски сликар и документарист, Киро Урдин. Неговиот филм „Живот и смрт“ ќе биде прикажан на 2 јуни во Париз, а наградата ќе му ја врачи професорот од „Сорбона“, Фабрис Далмеида.

Овогодишните изданија на „СЕЕ а Берлин“ и „СЕЕ а Парис“, ќе се одржи во периодот од 24 мај до 2 јуни, во престижното берлинско кино „Бабилон“ во соработка со универзитетот „Хумболт“, како и на Универзитетот на Париз, Сите Сорбон, во соработка со врвни француски институции што се приклучуваат на девизата што македонскиот писател со интернационално реноме Јордан Плевнеш ја објави во угледниот париски „Монд“: „Балканот е срцето на Европа“.