Фотоизложба на младиот македонски фотограф Филип Лафазановски ќе биде отворена вечерва, во „Рудиќ галерија“, во 20 часот, каде што ќе можат да се видат 30 негови дела. Лафазановски (2000 г.) е роден и живее во Скопје и моментално е на додипломски студии на универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, на насоката филм и дигитални медиуми. Веќе пет години се занимава со фотографија, а фотографскиот интерес му е насочен кон секојдневни ситуации и моменти од животот на обичниот човек во урбана средина, впечатливо нагласувајќи го стилот на уличната фотографија.

Во неговите фотографии најчесто е прикажан односот помеѓу човекот и архитектурата, и современиот градски живот. Дел од фотографиите на Филип Лафазановски се објавени во неколку странски списанија, а досега тој се претставил и на самостојна изложба во Печ, Сегед (Унгарија). Добитник е на „ФИАП бронзен медал“ на „Фотомедија 2016“ и на „златен медал“ во младинска конкуренција на „Деновите на македонската фотографија“ во 2016 и 2017 година. Тој како автор е вклучен и во колекцијата на Фотосојузот на Македонија насловена: „Актуелен момент во македонската современа фотографија“, која е прикажана во Чачак, Скопје, Град Негова (Словенија) и во Риека.