Во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, денеска во 18.30 часот, ќе биде отворена фотоизложбата „Животот на другите“ на Божидар Барлакоски. На неговата прва самостојна изложба во главниот град на Бугарија ќе бидат изложени околу 24 фотографски дела.

За изложбата на фотографиите кои ретко храбро се претставувани во јавноста, авторот има подготвено и каталог кој ќе го претстави на отворањето. Настанот е дел од годишната програма на КИЦ на РСМ во Софија и е поддржан од македонското Министерство за култура.

Изложбата е составена од фотографии од луѓе и животот на луѓето. Животот на оние „другите“, кои можеби ќе ги најдете по социјални мрежи, но не ги гледате во секојдневие. Животот кој останува скриен под плаштот на секојдневната „нормалност“. Занаети кои изумираат со секој нареден удар на ковачот, стари пријателства кои траат повеќе и од љубовта, насмевка во осаменост развлечена од сеќавање на една младост, тагувањето и последниот поздрав со ближниот, цената на животот во окрвавените раце.

Божидар Барлакоски е роден 1984 година во Прилеп. Активно работи со фотографија седум години и е член на Фото-кино клубот „Прилеп“. Добитник е на повеќе од дваесет и пет меѓународни награди за фотографија, меѓу кои и бронзен медал за фотожурнализам од Toronto Camera Club, PSA сребрен медал за фотографија во Кипар, сребрен медал за фотографија во Украина, златен медал за колекција на фотографии на денови на македонската фотографија 2014 година, како и бројни признанија и дипломи. Фотографија од Барлакоски е објавена на веб-страницата на National Geographic како избор на денот. Учествувал како член на жири комисија на два меѓународни конкурси за фотографија. До сега има поставено две самостојни изложби, во Кичево и во Скопје.