Соња Ставрова неодамна ја имаше својата прва самостојна изложба со наслов „Цензура“, која е дел од нејзиниот магистерски труд што се занимава со човековото право за слобода на говор и изразување мислење. Со изложбата преку осум фотографии се опфатени повеќе теми со фокус на слободата на изразување на мислењето: медиуми, уметност, образовен систем, ЛГБТ-заедницата и самоцензура, која, според неа, е најстрашен облик на цензура.
Како што вели Ставрова, слободата на говорот, како основно право загарантирано со многу светски конвенции и дел од секое национално законодавство, секојдневно се загрозува.

– Директно или индиректно сите сме изложени на ускратување на слободата на говорот и изразувањето мислење. Дали станува збор за замолчување во најтесниот круг на семејството од страна на фамилијарните авторитети или за државни авторитети, кои од позиција на моќ си дозволуваат да ја ограничат слободата на говорот. Инспирација ми се секојдневието и ситуации што директно мене и на мои блиски луѓе ни се случиле. Сѐ поголемата застапеност на самоцензурата кај секој од нас, особено кај младите, беше главна инспирација. Наместо ние да бидеме двигатели на промените и јасно да го кажеме својот став, поради континуиран страв сѐ поретко го правиме тоа. Наместо обединување на истомислениците и креирање промени, секогаш чекаме некој друг да го направи тоа наместо нас за да не сносиме последици. Уметноста треба да нема граници и да зборува постојано. Да отвора табу-теми и да посочува проблеми со кои се соочуваме и кои мора да се решат сега. Не можев да ја премолчам состојбата на маргинализираните групи во општеството – вели Ставрова.
За неа цензурата е ограничување и ја има во сите сфери.

– Општо земено, постојат четири главни типа цензура: задржување информации, уништување информации, менување или користење селективни информации и самоцензура. Ако фотографијата ја гледаме само во нејзините рамки се движиме на границата на цензурата, но доколку навлеземе во пораката, тогаш широчината на фотографскиот израз нѐ води до сознанија како да ја реализираме слободата на уметноста – додава Соња.

Преку својата изложба таа сака да упати порака за излегување од границите и заслепеноста, примање на информациите селективно и правење разлика помеѓу вистинита и делумно вистинита информација.

– Кај секој од нас треба да постојат пориви за вистината – вели Соња.
Фотографијата има посебно значење за неа. Најчесто ги обработува темите што се на некој начин табу и длабоките емоциите.

– Фотографијата е начинот на кој се ослободувам од тие емоции. Уметноста гласно зборува за случувањата во заедницата, моите фотографии имаат цел да предизвикаат општествени промени и поместување кон ослободување од стегите на цензурата – додава таа.

Соња Ставрова има учествувано на повеќе интернационални проекти во Германија, Хрватска, Романија и Босна и Херцеговина каде што има изложувано фотографии на теми како капитализам, идентитет, технологија.

– Живееме во свет кога на меѓународно ниво се води битка против лажните вести, проектот „Цензура“ е само мој мал придонес во таа битка. Секогаш од глобалните проблеми црпам инспирација и мотив за нови изрази. Дали технолошкиот напредок е уназадување за човекот, дали ќе ја спасиме или ќе ја уништиме планетата земја… Ова се некои од темите што во иднина ќе бидат во фокусот на мојот објектив – вели Ставрова.