Непрофитната организација „Мофрадат“, со седиште во Брисел, која ја води уметникот со потекло од Либан, Валид Рад, поведе иницијатива за прибирање пари за помош на уметниците и на уметничките организации во Бејрут по експлозијата што се случи минатата недела. Експлозијата однесе повеќе од 200 животи. Рад е претседател на организацијата „Мофрадат“, која, според нивната страница, „создава можности за уметниците од арапскиот свет“. Во отвореното писмо Рад и Маи Абу Елдабаб, директорот на „Мофрадат“, велат: „Го формиравме овој фонд за да собереме ресурси за она што допрва доаѓа, а сигурни сме дека нашите колеги и пријатели од целиот свет сакаат да дадат свој придонес“. Во писмото стои и дека средствата ќе бидат поделени „транспарентно и на флексибилен начин, имајќи го на ум колапсот на финансискиот и на банкарскиот систем во Либан“.

– Ќе насочиме 100 проценти од износот на средствата на индивидуалните уметници и институции, одржувајќи го духот на нашиот мандат, за да ги поддржиме уметниците, мислителите, феминистките и другите чудни луѓе и иницијативи, и да им обезбедиме алатки што ќе им помогнат да ја одржат нивната практична работа подобро отколку индивидуалните проекти. Секојдневно сме во контакт со луѓето од уметничките организации во Бејрут, кои сега ги проценуваат штетата и колатералната штета – вели портпаролката на „Мофрадат“, која во следните седмици ќе ги постави приоритетите откако ситуацијата и потребата за поддршка ќе станат појасни.

Од организацијата исто така побарале да предложат конкретни уметнички иницијативи или организации, на кои можеби ќе им требаат поддршка и помош по експлозијата. Рем Фада, директорката на фондацијата за култура „Абу Даби“, со потекло од Палестина, моментално е во управниот одбор на „Мофрадат“.
– Многумина од нас имаат долгогодишни врски со нашата уметничка заедница во Бејрут, која сега пати, и има голема потреба од нашата помош. „Мофрадат“ вложува големи напори и ќе понуди сигурност за институциите што имаат потреба да ја добијат потребната поддршка – вели Фада.