Наредниот концерт е на 28 јануари, со диригентот Борјан Цанев и со Ања Коловска на хармоника. На програмата се концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва“ од Астор Пјацола, „Песна и танец“ од Томе Манчев и „Орава“ за гудачки оркестар од Војцек Килар

Македонската филхармонија е една од ретките културни институции што со оглед на светската пандемија ја реализираа концертната програма во целост. Од почетокот на новата концертна сезона, 2019/2020 година, Филхармонијата реализира уникатни музички настани со врвни солисти и диригенти, симфониски и камерни концерти, кои се одвиваа во големата и малата сала, со импресивна и атрактивна програма, која претставуваше микс од т.н. класичен, железен репертоар и современите композиции.
– Поради ситуацијата со коронавирусот, го поделивме оркестарот на два ансамбли, а програмата ја адаптиравме за помали симфониски состави, за да се заштитат сите вработени во објектот. Среќна сум што од една страна на љубителите на музиката и на артистите не им недостигаше сцената, живиот контакт со уметноста, а од друга што успеавме во ова сурово и депресивно време да се справиме со непријателот и да го зачуваме нашето достоинство, да одиме напред со здрав разум секако, не по секоја цена, да им дадеме на луѓето надеж за подобра иднина. Музиката е совршена форма на дејствување против неубавото. Сите концерти одеа и онлајн, така што и оние што одлучија да не дојдат во сала, можеа да сонуваат и фантазираат гледајќи ги и слушајќи ги нашите уметнички проекти и да се тргнат барем за миг од сивилото што како колектив нѐ обои во тмурни бои – вели в.д. директорката на Филхармонијата, Тина Иванова.

Некои од концертите имаа и директен пренос на националниот канал на Македонската радио-телевизија, со што се врати заборавената практика да ѝ биде достапна музичката култура на јавноста и преку медиумите.
Филхармонијата продолжува да ја негува квалитетната музика и ветува уште многу впечатливи настани и во новата концертна сезона. Наредниот концерт е на 28 јануари, со диригентот Борјан Цанев и со Ања Коловска на хармоника. На програмата се концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва“ од Астор Пјацола, „Песна и танец“ од Томе Манчев и „Орава“ за гудачки оркестар од Војцек Килар.
Во Филхармонијата особено се горди на назначувањето на маестро Габриел Бебешелеа за шеф диригент на оркестарот, со тригодишен договор за работа, што е од огромно значење за квалитативниот развој на оваа институција. Наедно, почитуваниот маестро Конрад ван Алфен од Холандија стана почесен гостин диригент.
Концертната сезона свечено почна со концертот симболично насловен „Звук на два метри“ (така е насловена целата програма за оваа година).

Потоа се реализира концертот „Младост, среќа, иднина“, со маестро Јерухам Шаровски од Израел и врвната виолончелистка Даниеле Акта, една од новите светски музички ѕвезди, потоа традиционалниот концерт на фестивалот „Денови на македонска музика“ под диригентство на маестро Сашо Татарчевски, фантастичниот концерт „Шпански танц“ со маестро Емил Табаков од Бугарија, концертот „Поле за игра“ со врвната виолинистка од Казахстан, Ајман Мусахоџаева, настапи и атрактивниот квартет „Куарем“ од Франција/Шпанија, концерт за кој се бараше билет повеќе, и уште многу други.
Годината се заокружи со традиционалниот Новогодишен концерт, овој пат под наслов „Нова година – нов почеток“, со маестро Џијан Емин како диригент, а во соработка со Здружението на џез-музичари на Македонија.