Филхармонија во периодот од 1 до 6 октомври првпат ќе гостува во Израел, земјата во која се прелеваат музичките влијанија од целиот свет. Пред израелската публика Македонската филхармонија ќе се претстави со три концерти – во градовите Ерусалим, Ришон Ле Цион и Од Хашарон.
Оркестарот на филхармонијата ќе настапи на две фантастични сцени – во Ерусалим во познатата сала „Хенри Краун“, матична сцена на „Ерусалим симфони оркестра“ и во Ришон Ле Цион во близината на Тел Авив на матичната сала на Израелскиот симфонски оркестар.

Концертите ќе ги води маестро Јерухам Шаровски со кого филхармонијата има одлична соработка, а како солистка ќе настапи виртуозната израелска виолончелистка Даниеле Акта.
– Невообичаен беше начинот на кој ја договоривме оваа турнеја, за релативно кратко време успеавме да ги договориме трите концерти на филхармонијата во Израел. Тоа е толку нетипично за мојата земја во која неколку години однапред се договараат сите гостувања. Но моето искуство говори дека најдобрите гостувања се реализирале токму на истиот начин како што ја договоривме оваа турнеја – вели маестро Јерухам Шаровски.

Исклучителната израелска виолончелистка Даниеле Акта со оркестарот на филхармонијата ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар од Едвард Елгар. Пред публиката во Израел, оркестарот на филхармонијата ќе се претстави со два различни програмски концепти.
На програмата на оркестарот се „Тешкото“ од Глигор Смокварски, Симфонијата бр. 9 „Од новиот свет“ од Антонин Дворжак и Концертот за виолончело и оркестар од Едвард Елгар.
На концертот на отворено „Хашарон оркестарот“ ќе ја изведе Увертирата „1812“ од П.И. Чајковски, како и „Руслан и Људмила“ од Глинка и „Кол Нидреи“ за виолончело и оркестар од Макс Брух – вели продуцентката Роза Нолчева.