Затворањето со доделувањето награди на 11. Филозофски филмски фестивал ќе се одржи утре во Скопје, со почеток од 20.30 часот во летното кино „Мирно лето“ во Кинотеката.

В четврток ќе почне откривањето на победничките филмови, во присуство на членови на жирито, а потоа со проф. д-р Маја Мухиќ ќе ве поканиме заеднички да го погледнеме ХАОТИЧНАТА АНА на шпанскиот режисер Хулио Медем.

Ана (Manuela Vellés) е млада и убава 18-годишна девојка којашто живее на Ибица. Со својот слободен дух таа ја преточува страста за животот во уметнички дела. Еден ден, Хустин (Charlotte Rampling) ја поканува Ана да се придружи на комуна од млади уметници во Мадрид, нејзини штитеници. Ова е само почетокот на патувањето, не само физичко, коешто ќе ја понесе Ана да открие континенти, минати животи и далечни митови…

По успешните Љубовниците од Арктичкиот круг (Lovers of the Arctic Circle, 1998) и Секс и Луција (Sex and Lucia, 2001), Хаотичната Ана на шпанскиот режисер Хулио Медем којшто беше за првпат прикажан на Филмскиот фестивал во Торонто е приказна-патување за време на четири години од животот на Ана, од 18 до 22 години. Одбројување, 10, 9, 8, 7… до 0, како во хипноза, преку коешто Ана докажува дека не живее сама и дека нејзиното постоење е продолжение на други животи на млади жени коишто живеат во длабочините на нејзиното несвесно. На позадината од извонредниот, „ворлд мјузик“ инспириран саундтрак на Џоселин Пук (Jocelyn Pook), ова е хаосот на Ана, а Ана е и принцезата и монструмот на оваа феминистичка приказна која се бори против патријахалната тиранија.

Поради сите ковид-потоколи и ограничените капацитети и во летното кино, организаторите препорачуваат присуството да се потврди по електронски пат на следната адреса: [email protected].

– Во мејлот доволно е само да стои точното име и презиме за резерацијата и дали сакате да дојдете во придружба (колку карти да ви зачуваме), ние веднаш ќе ви испратиме повратен одговор за резервацијата – се вели во соопштението од ФФФ.

Беше исклучително тешка година за сите, преполна предизвици и за целиот сектор на културата, но се надеваме дека успеавме да покажеме како безбедно можеме да почнеме да се враќаме пред Големото платно (коешто живот значи) и сме ви неизмерно благодарни како наши верни пријатели, соработници и институционални покровители што не подржавте во подвигот да се скрши мразот и Филозофскиот филмски фестивал да биде првиот филмски фестивал со физички проекции годинава.

Воедно, би сакале да Ве поканиме и на Ретроспективата Тарковски, организирана во соработка со Амабасадата на Руската федерација, МСУ „Державин“, Кинотеката, Амбасадата на Шведска и Амбасадата на Италија во Скопје, којашто беше најавена во рамките на Фестивалот, а ќе се одржи од 10-20 јуни во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката и „Киноверзум“ во Свети Николе, хронолошки следејќи го развојот на режисерот низ неговиот творечки живот, со гости и излагања за секој од филмовите.

Ќе ни претставува особена чест и задоволоство доколку ни се приклучите на последната проекција од Главната програма за оваа година утре, на кино под ѕвездите,

Ви благодариме уште еднаш и со радост Ве очекуваме во Кинотеката!