Никогаш борбата на автохтоните народи за свои јазици, за право на образование, не била пожива и посилна

Кубанскиот филозоф е светски познат по своите студии од областа на културата, а особено како творец на идејата за интеркултурален дијалог од перспектива на латиноамериканската филозофија. Тој беше гостин на специјалното издание на Меѓународната летна школа на латиноамериканските студии, која ја организира Друштвото на хиспанистите, во соработка со институтот „Сервантес“ и со Институтот за европски студии, а се одржa од 10 до 14 јули во Белград и во Нови Сад.

Раул Форнет-Бетанкур е основач и главен уредник на меѓународното списание за филозофија „Конкордија“, а од 1995 година е координатор на меѓународните конгреси за интеркултурна филозофија. Во интервјуто за српскиот весник „Данас“ е посочено дека моментално работи како редовен професор по филозофија на Универзитетот во Бремен, а е почесен професор на универзитетот „Ахен“ во Германија и редовен професор на универзитетот „Понтифисиј“ во Мексико, како и на универзитетот „Унисинос“ во Сан Леополд во Бразил. Има повеќе од стотици објавени трудови, статии и рецензии, напишани пред сѐ на шпански и германски јазик и преведени на повеќе светски јазици. Toj во оваа пригода говори за филозофијата, културата, глобализацијата, но и за предизвиците што се наоѓаат пред латиноамериканскиот континент.

Поголемиот дел од српската јавност не ги познава многу случувањата во Латинска Америка и општествените движења што се развиваат таму. Можете ли да ни објасните каква е улогата на филозофијата во општествата на овој континент, може ли како наука да помогне во решавање на општествените конфликти?
– Во некои делови на светот, како што е Средна Европа, филозофијата била сведена на академски кругови, во Латинска Америка тоа никогаш не беше така. Филозофијата отсекогаш имала силна општествена и политичка улога. Без престан учествувала во општествените процеси и движења. Била отворена, никогаш, како што се вели, не се затворила во својата кула од слонова коска. Станува збор за филозофија што беше на улиците, која се обидуваше да воспостави дијалог меѓу луѓето. Многу е значајна улогата на филозофијата и на одделните мислители во стекнување на независноста од Шпанија и нејзината помош во создавањето на слободните независни држави. Ако се вратиме во 20 век, се гледа дека во 1970-тите години се раѓа силно движење на филозофијата на ослободување. Нејзината определба беше политичка и настојуваше филозофијата да ја артикулира како средство за еманципација и образовање на народот. Придонесе и за издигање на народната самодоверба и за вообличување на народната самодоверба и за вообличување на латиноамериканскиот идентитет, кој без престан е во конфликт со империјализмот на Соединетите Американски Држави.

Дали тој процес се одвиваше паралелно со теологијата на ослободување?
– Токму така. За разлика од секуларизираната Европа, во Латинска Америка границите меѓу филозофијата, книжевноста и теологијата не се толку јасно повлечени, од движењето на филозофијата на ослободување се создава нишка што се вообликува низ движењето на теологијата на ослободувањето, бидејќи голем број нејзини претставници истовремено беа и теолози и филозофи, така се создаде заедничко движење, кое денес е многу активно. На пример, папата Франциск е еден од претставниците на тоа движење на теологијата на ослободување, на теологијата на народот, кој работи на остварување на дијалогот со широките народни маси.

Во Латинска Америка постојат огромни класни разлики, како на пример во Мексико. Дали филозофијата помогна во намалување на нееднаквоста и во развивање на демократските слободи?
– Мислам да. Мислам дека заедно со „Педагогијата на обесправените“, чиј автор е Паоло Фреире, филозофијата помогна народот да почне да се освестува кои се неговите права, го мотивира да почне да се бори за своите права. Народот полека почна да разбира дека своите права може да ги оствари сам. Народот полека почна да се ослободува од пиетизмот и од прифаќањето на судбината здраво за готово, од губењето надеж. Филозофијата директно не придонесе во водењето на политиката, но точно е дека на народот му укажа дека надежта постои и дека не треба да се предаде. Можеме да кажеме дека уверливата победа на Андреас Лопес Обрадор на претседателските избори е добар пример за тоа. Токму тоа е доказ дека во една земја што ја мачат корупција и насилство, народот е подготвен да прифати и да види можност за промена.
Сведоци сме на случајот „Одебрехт“, кој го потресе целиот континент, поранешниот бразилски претседател Луис Игнасио Лула да Силва е во затвор поради корупција.

Дали Латинска Америка во глобализацијата можеби почна да го губи својот културен идентитет?
– Тоа прашање е навистина драматично, бидејќи Латинска Америка е изложена на таа опасност, но истовремено сѐ повеќе се присутни движењата на автохтоните народи од континентот. Никогаш борбата на автохтоните народи за свои јазици, за право на образование, не била пожива и посилна. Тоа е, на пример, видливо во областа Каука во Колумбија, каде што тоа движење е најсилно. Тамошното автохтоно население го основа автономниот универзитет „Каука“. Значи, народот се спротивставува и се бори за свој идентитет.

Има ли во другите делови од општеството на континентот отпор на будењето на автохтоните народи или е постигнат некаков договор?
– Може да се каже дека постои некаков вид договор, полека сите стануваат свесни дека дојде време за подобра и поправедна распределба. Дојде време на плуралност. Тешко е да се предвиди каква ќе биде иднината, но јас сум оптимист. Народите на Латинска Америка не го изгубија помнењето, а додека народите имаат помнење, верувам дека имаат причина за оптимизам.