Мојот филм не е напад на верата туку на институцијата што има мафијашки карактер, вели Војцех Смаржовски

Полскиот режисер Војцех Смаржовски (роден во 1963 г.) се најде во центарот на вниманието на јавноста уште минатата година, кога во полските кина премиерно беше пуштен неговиот филм „Клер“, мозаичка драма што се занимава со положбата на Католичката црква во денешна Полска. Во филмот Смаржовски тематизира голем број скандали на современата полска црква, од прикривање педофилија, преку вонбрачни свештенички врски, финансиски и законски привилегии, измена на урбанистички планови, па до корупција. Режисерот беше гостин на неодамна завршениот филмски фестивал „Мотовун“ во Хрватска, каде што проговори за својот контроверзен филм.
Филмот веднаш стекна и озлогласеност и слава: конзервативните медиуми огорчено го нападнаа, како и националната телевизија, министерот за култура изјави дека тој никогаш не би го финансирал, а кога „Клер“ победи на националниот фестивал во Гдуниј, јавната телевизија ја цензурира изјавата на режисерот, што самиот Смаржовски иронично го опишува како „претерана горливост на вработените во телевизијата“. Сепак во Полска филмот имаше над 4 милиони гледачи, што е речиси 15 отсто од населението.

– Филмот говори за неколку црковни грева. Сите тие се веќе обработувани на филм, но кај мене тие првпат се најдоа во една целина. Мене најмногу ми пречи тоа што црквата е над законите. Црквата живее од даноци и јавни пари, значи, мои пари, но не дејствува транспарентно и не објавува финансиски извештаи. Црквата се однесува лицемерно. Ги осудува хомосексуалците, а околу 30 отсто од црковните луѓе се хомосексуалци. Ги осудува вонбрачните врски, а голем дел од свештенството има токму такви врски. И конечно, ја прикривала и сѐ уште ја прикрива педофилијата така што сторителите ги сели од една во друга жупанија. Најлошо е тоа што црквата повикува на омраза – вели режисерот.

Смаржовски додава дека за филмот почнал да размислува кога на Запад, од САД до Австралија, почнале да се отвораат педофилски афери.
– Си го поставив прашањето, добро ако е така во САД, Ирска и во Австралија, како е кај нас. Во Австралија црквата мораше сите документи да ги отвори за световните власти па излезе дека околу 7 отсто од свештениците се склони кон педофилија. Во Германија каде што архивите ги отворија делумно, излезе дека се 4 отсто. Тој процент веројатно е сличен и на други места. Полската црква никогаш за никого не се отворила, никој не влегол во документите. Претпоставив дека ако во Полска има 31 илјада свештеници и ако процентот е ист, тоа значи дека има околу 2.000 педофили. Па половината и нека се стари, во пензија или немоќни, тоа пак значи дека ги има околу 1.000 во овој момент, кои се мотаат околу нашите деца, сега, за среќа, помалку бидејќи се на распуст – вели полскиот режисер.
Оваа тема, прашањата на школите и црквата, е уште една за која Војцех Смаржовски има категоричен став.

– Во Полска влијанието на црквата врз училиштата е големо. Црквата владее со образовниот систем, а сите добро знаеме дека црквата никогаш не била поттикнувач на прогрес, знаење и слободна мисла. Затоа не ми се допаѓа што свештенството се напика во просторот што би требало да биде наменет на слободното знаење – додава тој.
Смаржовски истакнува дека филмот во сите фази, од пишувањето на сценариото до монтажата, им го давал на увид на поранешни и на сегашни свештеници да го советуваат.

– Тие го читаа сценариото, го гледаа снимениот материјал и грубиот модел. Во сите тие фази сакав да го чујам нивното мислење, дали во нешто грешам. Треба да се има на ум дека тоа се свештеници што и самите мислат дека црквата мора да се промени, тие често гледајќи го материјалот коментираа: „Па ова е тој и тој“. За фиктивните ликови ги врзуваа имињата на реални црковни луѓе што ги познаваат, што покажува дека некои од овие ситуации се типични. Некои мотиви променив по нивна сугестија. На пример, во сценариото има корумпиран свештеник, задолжен за градежните работи, кој добил важна служба во Африка. Тие ми кажаа дека таквите типови секогаш завршуваат во Ватикан, па тоа го променив во сценариото – вели Војцех Смаржовски.
Тој смета дека свештениците како нив сакаат да ја променат институцијата, но дека тоа тешко оди однатре.

– Има многу свештеници што помагаат и прават добро, но тие по игра на случајот се дел од институцијата што дејствува како зло. Јас во филмот не се занимавам со верата, туку со институцијата, и тоа со институција што има мафијашки карактер. Доказ дека филмот не е против луѓето, туку против институцијата се гледа и во самиот филм. Двајца од тројца свештеници – јунаци во мојот филм се добри луѓе. Тоа се луѓе што се мачат живеејќи во лага, а сакаат да живеат во вера и искрено. Често ме прашуваат зошто не снимав филм за свештеник што е добар и херојски лик, а јас им одговарам дека такви филмови се снимени многу и само се снимаат нови – вели режисерот.

Филмот инаку не е сниман во полските цркви, затоа што тоа не му било дозволено, па отишол во Чешка, каде што немало никакви проблеми. Проблем со црковните локации Војцех Смаржовски имал и во наредниот филм. Станувало збор за една сцена на венчавка во црква, но поради лошиот глас што го бие не му било дозволено да ја сними во ниедна полска црква, па морал да отиде во Литванија.

Досега неговите филмови во Полска биле фалени, а цензурирани во други земји. Така, во Русија неговиот филм „Ружа“ бил забранет поради сцените на силување. Но за „Клер“ во Полска има гледачи, затоа што како што објаснува Војцех Смаржовски – кога на Полјаците им забранувате нешто, произведувате контраефект. Но филмот направи и промени во Полска, каде што на голема врата се отвори темата за педофилијата во црквата. За „Полска без црква“ ќе биде и неговиот нареден проект, ТВ-серија за Нетфликс, која ќе се занимава со нехристијанизираните словенски пагани во средниот век. Христијанството во Полска пристигнало доцна, а кога пристигнало, двесте години траела војната – серијата се занимава со овој период.