Излезе од печат нова книга во издание на „Или-или“, станува збор за „Филмски клуб“ од канадскиот писател Дејвид Гилмор, кој преку (авто)биографска приказна, на суптилен начин, ги поврзува книжевноста и филмот. „Филмски клуб“ е прекрасно понирање во внатрешноста на човековата личност преку седмата уметност, како пријатен муабет меѓу двајца стари пријатели.

– Ова е совршено четиво за летниот период, супер разбирливо и читливо, а истовремено доволно провокативно за да ве остави будни. Преводот од англиски јазик е на Ацо Пероски, дизајнот на корицата го изработи Марија Смилевска, а излегувањето на книгата финансиски е поддржано од Канадскиот совет за уметности – вели издавачот.

Ова е приказна за татко и син и за тоа како момчињата созреваат во мажи, книга за филмовите и за тоа како тие можат да го обликуваат нашиот живот, а исто така, ова е книга за родителството и за тоа колку многу влијаеме врз животите на нашите деца.
Дејвид Гилмор (1949) е роден и живее во Канада. Работел како филмски критичар и новинар, подоцна почнал да пишува и романи, а денес е професор на Универзитетот во Торонто. Голем дел од кариерата на Гилмор се потпира врз неговите телевизиски емисии и написи во списанија посветени на филмската уметност и важи за еден од водечките канадски експерти за филм. Но тој е многу успешен и како писател. Своите први романи ги објавува уште во осумдесеттите години на минатиот век, а голем успех постигнал со „Совршена ноќ за патување во Кина“ (2005) и „Совршениот поредок на нештата“ (2011). Сепак, негово најпознато дело е мемоарската книга „Филмски клуб“ (2007), која важи за бестселер и е преведена на десетина светски јазици.