Следните десет вечери во Кинотеката на Македонија ќе му бидат посветени на полскиот режисер Кшиштоф Кешловски и неговата филмска серија „Декалог“ реализирана во 1988 година. Овој циклус Кинотеката го реализира во соработка со Амбасадата на Полска во Македонија.
Филмскиот критичар Стојан Синадинов за Кешловски вели дека е од оние благородни филмски автори што, веројатно, на полската и на европската кинематографија ѝ дале повеќе отколку што добил од нив. Затоа, не случајно, е наречен и „последниот европски моралист“.
– Филмската критиката пред 30 години беше вџашена и воодушевена со „Декалог“. Првенствено гледаше во него силна социјално критичка нота за сивиот соцреализам во Полска – тие тонови беа присутни и во претходните негови остварувања – но потоа сфати дека никогаш претходно не беа толку интензивирани како во „Декалог“. Затоа „Декалог“ на Кешловски е естетски меѓник во светската кинематографија: можеби ќе изгледа претерано, но тој е една од темелните норми на филмската естетика наменета за телевизискиот медиум од крајот на минатиот век, што денес е општоприфатено како формат на филмска серија на дигиталните платформи како „Нетфликс“ – вели Синадинов.

Денеска од 18 часот на програмата е „Декалог 1“ од 1988 година, со Хенрик Барановски, Војчех Клата, Маја Коморовска, Артур Барикс, Марија Гладковска во главните улоги.
Првата епизода е инспирирана од првата Божја заповед; „Јас сум Господ твој, да немаш други богови освен мене“. Во првата епизода го следиме десетгодишниот Павел и неговиот татко Кшиштоф, кои живеат според „правилата“ што им ги поставува нивниот домашен компјутер. Неговата тетка, пак, е загрижена дека духовното образование на Павел е занемарено. Но Павел е премногу зафатен со детското уживање во реалниот живот, особено што како божиќен подарок од неговиот татко добива пар лизгалки. Компјутерот прогнозирал дека замрзнатото езеро е доволно безбедно за Павел да се лизга преку него…

В недела е „Декалог 2“ по сценарио на Кшиштоф Кешловски и Кшиштоф Пешевич, со Кристина Јанда, Александер Бардини, Олгерд Лукашевич, Артур Барикс во улогите. Постар доктор гинеколог ќе се најде во незавидна ситуација кога кај него ќе дојде трудна жена со комплицирано барање. Нејзиниот сопруг е тешко болен и може наскоро да умре, а таа е бремена од друг маж. Ако нејзиниот сопруг умре, таа не сака да го задржи детето. Затоа трудницата од докторот бара искрена прогноза за шансите на сопругот да преживее. Докторот е вознемирен од нејзиното барање, бидејќи неговиот одговор директно ќе одлучи за животот или смртта на малото човечко суштество во нејзината утроба. Дали докторот има право да биде Бог?
Циклусот филмови ќе заврши на 6 декември со последната десетта епизода од серијалот.