Краткометражниот документарен филм „Ова е нејзината приказна“, на кој Игор Христов е потпишан како режисер, доби две награди за најдобар филм. Едното признание доаѓа од Бугарија, Велико Трново од четиринаесетиот интернационален фестивал „Тур филм фестивал“, а освен тоа, доби и гран при за најдобар краткометражен планински филм на „Palma mountain film festival“ во Шпанија. 

– Креативниот дел од екипата не можеше да присуствува на церемонијата на наградување во Шпанија заради предвремено затворање на фестивалот, поради лошата ситуација со ковид-19 во Шпанија. Јас сум горд на признанието и сум среќен што во овие тешки периоди за луѓето и за македонската култура, филмот продолжува да го живее својот фестивалски живот и да ја преставува македонската кинематографија во светот – вели Христов за „Нова Македонија“.
 
„Ова е нејзината приказна“ е филм за три женски атлети од Балканот кои ја раскажуваат својата силна страст кон планинарењето. Секоја од нив има поставено висока цел, а филмот ги прикажува нивните падови и возвишувања кои се мешаат заедно со уметноста и екстремните спортови.  
 
Во филмот учествуваат Ута Ибрахими од Косово, Аргиро Папатанасиу од Грција и Илина Арсова од Македонија. Директор на фотографија е Рашко Раков и Горан Кузмановски, монтажата е на Дејан Смилески, а продуцент е Арсова. А.П.