Филмот „М“, во режија на Вардан Тозија, ќе учествува на сесијата „Филмови во изработка“ на филмскиот фестивал во Котбус. Од стотиците апликанти, само шест проекти се одбрани да бидат презентирани пред заинтересираните агенти, дистрибутери, ТВ и фестивалски едитори, што, секако, е одлична можност за промоција на филмот, кој е во финалната фаза на постпродукција.
Филмот „М“ е фантастична бајка што ја раскажува приказната за осумгодишниот Марко, кој во дистопискиот и опасен свет на нашата блиска иднина е во потрага по својата мајка. Сценариото е потпишано од Вардан Тозија и Даријан Пејовски, кинематографер е Влатко Самоиловски,
сценографијата е на Кирил Спасески Кикич, костимите се на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек. Улогите ги толкуваат: Матеј Сиваков, Александар Ничовски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Камка Тоциновска и Бојана Грегориќ Вејзовиќ. Продуцент е „Фокус покус филмс“ од Скопје, а филмот е официјална копродукција помеѓу Македонија, Хрватска, Косово и Франција.