Mакедонскиот филм „Враќање“ во режија на Кастриот Абдули ќе биде прикажан во официјалната конкуренција на филмскиот фестивал во Олденбург, кој поради високиот рејтинг и силните критериуми на селекција го нарекуваат уште и европски „Санденс“, соопшти Агенцијата за филм.

На ова 25. јубилејно издание на меѓународниот фестивал во Олденбург, Германија што ќе се одржи од 12-16 септемеври, претставниците од Агенцијата за филм во Олденбург од 13-17 септември ќе учествуваат на настанот MatchBox Coproduction Lounge.

Учеството на Агенцијата ќе биде најавено и на отворањето на фестивалот, а на покана на директорот на фестивалот, Торстен Њуман на 15 септември, Агенцијата за филм ќе има можност да ја претстави Македонија како атрактивна дестинација за снимање и ќе ја афирмира законската регулатива со која се овозможува поврат на средства од копродукциски услугу и филмски сервис.

Агенцијата ќе се претстави со учество на проекти во развој во официјалната програма на овој настан, ќе биде присутна и во печатените фестивалски рекламни материјали, организирани се и низа интервјуа од страна на претставници на фестивалот, како и на фестивалската веб страница.

Олденбург филмскиот фестивал е посветен на иновативни, независни филмови со силен авторски печат и е еден од најзначајните филмски фестивали во светот, а за тоа зборува и фактот што Variety, Hollywood Reporter и Screen International меѓу другите му ја доделија титулата „Европскиот Санденс”.