На веб-страницата на Кинотеката на Македонија за пошироката јавност е достапно уште едно филмолошко четиво, книгата „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А.А. Тарковски“ на Атанас Чупоски.
– Во ова кинотечно издание од 2012 година, низ речиси 250 страници авторот ги испитува суштинските прашања што се однесуваат на човекот и смислата на животот, смислата на уметноста и науката, а во таа смисла, особено аспектите на филмската уметност низ која овие прашања се поставуваат на две рамништа, визуелно и книжевно, како слика и како сценарио – вели професорката Славица Србиновска во воведниот дел од својот осврт кон делото на Чупоски.

И самиот автор објаснува дека основен предмет на ова истражување, преку компаративно интердисциплинарно вкрстување на методите на митокритиката, наратологијата, филмската теорија и православната христијанска аскетика, се христијанските слики и симболи актуализирани во филмовите на Андреј Тарковски и спецификите на неговото филмско раскажување. Сето тоа понатаму го елаборира преку анализа на филмовите „Андреј Рубљоов“ (1966), „Сталкер“ (1979) и „Жртвопринесување“ (1986) на култниот советски режисер
Авторот Атанас Чупоски (1969), кој е писател и поет, сценарист и режисер, радиоводител, професор, компаратист и филмолог, доктор на филолошки науки. Автор е на повеќе од двесте книжевни и филмолошки студии, есеи, песни, раскази и публицистички текстови, објавени во повеќе списанија за литература, филм, уметност и култура, дневни, неделни и месечни списанија, весници и портали.

Сценарист и режисер е на неколку документарни филмови, како „Копаничарите“, „Глас“, „Охридските трубадури“, „Скендербег и Светиград“, „Сведоци“ и други.