Два филма на Жан-Пјер Мелвил (1917-1973) ќе се прикажат месецов во Кинотеката на Македонија. Во четврток во 20 часот е проекција на неговиот „Армија на сенки“ (Франција/Италија, 1969 г.), според романот на Џозеф Кесел, со Лино Вентура, Пол Мерис, Жан-Пјер Касел, Симон Сињоре во главните улоги.

– Мелвил е еден од оние филмски автори, кои, како „обични“ луѓе, се соочиле со превртливоста на судбината. Мелвил во Втората светска војна бил активен учесник во движењето на отпорот во Франција, окупирана од нацистите, и дел од тоа искуство има преточено во „Армија на сенки“ (1969). Неговиот филм најмалку е стандардна глорификација на тоа движење на отпорот: напротив, наместо црно-белата поделба на добри и на лоши момци, ликовите се осаменици и губитници, типични антихерои. Со мрачната атмосфера, која повеќе личи на криминалистичките филмови, „Армија на сенки“ не спаѓа во стандардните воспевања на антифашистичкото движење. Но токму моментот кога филмот се појавува пред публиката, 1969 година, станува негов најголем хендикеп. Шеесетосмашкото движење е изразито негативно настроено против политиката на претседателот Шарл де Гол, па и филмот станува колатерална штета на минатото на Мелвил и етикетата дека е непоправлив „деголист“ – пишува Стојан Синадинов во најавата за ревијата на филмови.

Тој повлекува паралела и со друг еден контроверзен француски автор, овој пат книжевник. Станува збор за Андре Малро и неговото константно недоразбирање со левичарски настроените интелектуалци во Франција, кои му замеруваа на воената биографија (била полни со фабрикувани подвизи), заземање на конзервативната страна во војната во Алжир и „деголизмот“. Климаксот на тоа недоразбирање, повторно, е клучната 1968 година, па Малро, долгогодишен министер за култура и информации, следната година се повлекува од политичката и од јавната сцена. Нормално, во пакет со Де Гол.

– А тоа што Мелвил бил на вистинската страна во војната? А тоа што имал и непосредно влијание врз францускиот „нов бран“? Токму „новобрановците“ од „Каје ди синема“, најблаго кажано, го дискредитираат „Армија на сенки“ и филмот останува само со млакиот прием во Франција, без интернационална дистрибуција. Ќе треба да поминат добри три децении за да победи „поетската правда“ и филмската критика и публика во Европа и во САД повторно да го откријат. Можеби чудно, но токму по заслуга на „Каје ди синема“: влијателното списание во средината на 1990-тите го ревалоризира филмот, што им обезбедува втор живот на филмот и на другиот опус на Мелвил – пишува Синадинов.
Според него, можеби изгледа небитно, но индиректен дел од таа „реновирана“ слика за Мелвил беше и македонската филмско-фестивалска сцена. Добитник на наградата за животно дело на минатогодишното издание на фестивалот на филмската камера во Битола „Браќа Манаки“ беше кинематограферот Пјер Лом, коавтор на фотографијата во овој филм.

На 11 мај (петок) ќе биде прикажан „Црвениот круг“ (1970 г.) во режија и по сценарио на Жан-Пјер Мелвил, со Ален Делон, Андре Бурвиј, Џан Марија Волонте, Ив Монтан, Пол Кроше. Познато е дека неговите филмови создаваат актерски ѕвезди како Жан-Пол Белмондо, Ален Делон, Лино Вентура… Делон во тој период од неговата кариера го носи епитетот „Мелвилов актер“.
– Хроничарите на филмот под ставката тривијалности ги забележале и неговите жестоки препирки со соработниците: Лино Вентура не разговарал со него за време на снимањата, Белмондо му удрил тупаница… Мелвил важел за мегаломан, умислен дека токму тој го отелотворува „американскиот сон“ на француска почва, носел каубојска шапкар и темни очила. Сепак, го истакнуваат неговото влијание не само на францускиот „нов бран“ – Жан-Лик Годар му прави посвета во „До последен здив“ (1960), ангажирајќи го во епизодна улога – туку и на водечките автори од крајот на минатиот и почетокот на овој век: Вилијам Фридкин, Џон Ву, Квентин Тарантино, Мајкл Мен… – пишува Синадинов.