Никола Гоциќ и Марко Миличевиќ, организатори на „Киноскоп“

Никола Гоциќ и Марко Миличевиќ се организатори на „Киноскоп“, фестивал на аналогни и експериментални филмови од Белград, Србија, кој е дел од „Скопскиот поетски фестивал“. На програмата се шест кратки поетски филмови од автори од САД, Јапонија, Германија и од Канада. „Киноскоп“ е посветен на истражувачките тенденции и експериментални начини на работа со целулоид во дигиталната ера.

Кои филмови и поети ќе добијат киноприкажување во Скопје?
– Подготвивме шест кратки филмови, од кои два беа прикажани на првото издание на „Киноскоп“ во 2019 година, а четири на второто, што се одржа онлајн минатата година. Програмата започнува со нежниот интроспективен, дневник филм „Кој сака да се заљуби“ на американската режисерка Емили ван Лоун, продолжува со длабоко личниот и носталгичен „автоетнографски“ портрет на Александрија Викари, „Нешто за себе“, и адаптацијата на песната „Mere Dil Mere Musafir“ на пакистанскиот поет Фаиз Ахмад Фаиз (1911-1984). Ќе биде прикажан и „Човек никогаш не треба биде излечен“ на францускиот режисер Винсент Гилберт, кој живее и работи во Јапонија. Станува збор за медитативна почит кон уметникот Цукиоки Јошитоши (1839-1892), чиј дрворез од 19 век е пренесен на филм. Германскиот режисер Патрик Милер носи малку помрачна атмосфера со неговата пејзажна видеопесна „Градината“, базирана на стиховите на познатиот хорор и фантастичар Х.Ф. Лавкрафт, а на овој филм се надоврзува „Последниот ден на молецот Луна“ од Гијом Вајл, кој размислува за минливоста, смртта и животот по смртта во психоделични визуели, придружени со монолог на наратор дете.

Какви приказни имаат поетите?
– Да го цитирам Јонас Мекас, најголемиот поет меѓу филмаџиите: „На крајот, цивилизациите ќе исчезнат затоа што ги слушаат своите политичари наместо нивните поети“. Во самата срцевина на идејата што стои зад „Киноскоп“ е да се поддржат оние автори што творат надвор од конвенциите на филмската индустрија и кои, како што покажа досегашното искуство, најчесто имаат пристап кон филмот што би можел да се карактеризира како „поетски, мистериозен, недофатлив, медитативен“, каде што разликите во нивните сензибилитети носат вистинско богатство од различна поетика, и наративна и аудиовизуелна.

Има ли публика за поетски филмови?
– Снимената поезија не е толку доминантна во јавниот етер, но секако е многу присутна на фестивали на експериментален филм и видеоарт. Публиката постои, појасно е профилирана и не е толку бројна како онаа што е навикната на фестивалската парадигма на социјално ангажирани филмови. Аналогните медиуми честопати се средство за реализација на некои од најинтимните замисли и идеи. Обично, главниот критериум за избор на филмови на „Киноскоп“ е комбинација на поезија и истражување, затоа веруваме дека во наредните години, како што се развива фестивалот, ќе има сѐ повеќе публика за овие содржини. Нашето инсистирање за радикално пишување автоесеи и лирски сензибилитет, барем до одреден степен, го поткопува овој подоминантен дискурс во рамките на фестивалската рамка.

Каква порака провејува низ „Киноскоп“?
– Пред сѐ, сакаме да покажеме дека филмската лента сѐ уште не е мртов и заборавен медиум и дека сѐ уште е заштитен знак на филмските експерименти и погледи што значително ги прошируваат границите на нашето разбирање за она што може да се види и почувствува преку аудиовизуелната сфера. Она што е заедничко за поезијата и експерименталниот филм е тоа што тие често се во сферата на андерграундот и поинтимните превирања.