Под мотото „ИДЕИ, СВЕТОВИ“ годинава Филозофското друштво на Македонија (ФДМ) го организира 10-от ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ (ФФФ) како хибридно издание. Сето она што можеше да се организира во овој кризен период и со ограничени институционални ресурси, под насловот ФФФ ПРОЛЕТНИ ОНЛАЈН МИГРАЦИИ ќе се реализира во првично предвидениот термин – 21-31 мај. Остатокот од програмата (Официјалната селекција на долгометражни филмови, Ревијалната програма „Филм-философија“, Меѓународната конференција „Филозофија и филм“, Едукативната програма и ФФФ Караванот), во кои се предвидени и потврдени бројни филмски остварувања и повеќе домашни и странски гости и учесници, ќе се одржи во периодот меѓу 30 октомври и 8 ноември.

ФФФ ПРОЛЕТНИТЕ ОНЛАЈН МИГРАЦИИ се организираат како успешен пример на солидарно партнерство во секторот на филмската промоција со Кинотеката на С. Македонија и македонската ВоД платформа „Синесквер“, со институционална поддршка од Град Скопје, но и благодарение на несебичната поддршка на нашите соработници, пријатели и вљубеници во филмот и филозофијата. Со оглед на солидарниот карактер на оваа независна културна иницијатива, гледањето на сите филмови е бесплатно и единствено е потребна регистрација на платформата. Односно, во периодот од 21-31 мај во виртуелната кино сала на Фестивалот на ВоД платформата „Синесквер“, културната јавност ќе може да погледне околу триесет квалитетни филмски остварувања и неколку фестивалски настани кои ќе ги збогатат двата фестивалски викенда. Во програмата е поместена Официјалната селекција на краткометражни филмови на Фестивалот, а ревијално ќе се прикажат и неколку краткометражни, среднометражни и долгометражни (документарни) филмови. Иако пристапот до филмовите за време на онлајн миграциите нема да биде временски лимитиран, сепак, за доловување на специфичната фестивалска атмосфера на заедничко гледање филм и како културен настан и како социјално искуство, ќе бидат организирани и модерирани
онлајн проекции во определен временски период придружени со дополнителни фестивалски содржини.

Документарните филмови или „ФФФ Docs“ сегментот се состои од три долгометражни остварувања, проследени со кратки воведни видео излагања од страна на наши професори и љубители на филмот. Со руско/италијанско/шведската копродукција АНДРЕЈ ТАРКОВСКИ: ФИЛМСКА МОЛИТВА (2019) на Андреј А. Тарковски, син на славниот режисер, ќе биде отворен Фестивалот (четврток, 21 мај, 20 ч.). Така, во наведениот термин, краток вовед кон овој исклучителен филм за уште поисклучителниот режисер и икона на филмската кинематографија на XX век, ќе даде истакнатиот филмолог и темелен истражувач и познавач на опусот на Тарковски, д-р Атанас Чупоски. Рускиот гениј отсекогаш пленел со својот спокоен филмски ракопис и навраќањата кон него, дури и по повеќе од три децении од неговата смрт, се незаменливи филмски доживувања.

Андреј Тарковски

На 23 мај (сабота, 20 ч.) публиката заеднички ќе може да го погледне ЕДЕН ДРАМАТИЧЕН ФИЛМ (2019) на францускиот режисер Ерик Бодлер. За трансформативната моќ на филмот и неговата уникатна можност за саморефлексија преку будното гледање (и забележување) на светот, низ диоптријата на учениците од филмската група во средното училиште Дора Мар, инструктивен влез ќе даде професорот по филозофија и независен истражувач, д-р Бошко Караџов. Запрашаноста на учениците во врска со тоа што правиме (ние) заедно, ако тоа не е ниту документарен, ниту игран филм, се надоврзува со автентичниот одговор содржан во насловот на филмот – можеби, драматичен филм! Последниот филм од „ФФФ Docs“. (сабота, 30 мај, 20 ч.) е МАРСЕЛ ДИШАН: УМЕТНОСТА НА ВОЗМОЖНОТО (2020), на режисерот од САД, Метју Тејлор. Филмот ја разоткрива парадигматската промена на уметноста во 20-от век од страна на таткото на концептуализмот, Марсел Дишан, а кон него полесен пристап ќе овозможи познавачот на делото на овој контраверзен уметник, но и на филмската уметност воопшто, професорот по филозофија и селектор на
Официјалната селекција на долгометражни филмови на ФФФ, Кирил Трајчев. Овој документарец вклучува интервјуа со некои од најистакнатите експерти за делото на Дишан, но и повеќе уметници, меѓу кои Марина Абрамовиќ, Џозеф Косут, Ед Раша, Мишел Гондри, Дејвид Боуви, коишто го мапираат Дишан како пресвртна точка во современото разбирање на уметноста – после него уметноста повеќе никогаш нема да биде иста.

Во рамките на Фестивалот ќе биде одржан и вебинар на тема: ТОЧКИ НА ГЛЕДАЊЕ: КОВИД-19 И СОСТОЈБИТЕ ВО ФИЛМСКИОТ СЕКТОР ВО С. МАКЕДОНИЈА (среда, 27 мај, 11:30 ч.). Оваа Зум-конференција претставува прв обид да се отвори јавен дијалог за последиците од пандемијата врз различните структури на филмската дејност во нашата земја и да се разговара за начините за излез од кризната ситуација. Откажување, одложување или онлајн фестивали? Како домашните и европските филмски институции
одговорија на ковид кризата? Ограничувањата како потенцијал за креативноста? „Новата нормала“ и реосмислувањето на филмската индустрија? Како сакаме да го замислиме филмскиот сектор во иднина? – се дел од прашањата на кои ќе биде дискутирано со гости од сите сегменти на филмскиот сектор во земјата: фондови, кино сали, филмски фестивали, режисери, продуценти и дистрибутери.

Во конкуренција за наградата „Златен був“ од стручното жири за Најдобар краткометражен филм ќе бидат дваесет (20) филмови. Во изборот на селекторот д-р Дејан Здравков се наоѓаат филмови од повеќе земји во светот: Шпанија, Норвешка, Данска, САД, Полска, Австралија, Белгија, Германија, Непал, Израел, Велика Британија, Шведска, Иран, Аргентина, Палестина, Колумбија и Словенија. Оваа година, најдобриот филм по одлука на тричленото жири во состав: Стефан Палитов (режисер, мултимедијален уметник и истражувач), Станислав Лигужињски (филмски критичар, куратор и едукатор /Полска, Холандија/) и Стефан Видиков (филозоф), за првпат ќе добие и солидарна финансиска награда како симболичен гест на поддршка на дејноста
на режисерите во време кога целокупниот филмски сектор е безмалку сторниран. Исто така, жирито ќе го додели и специјалното (нововостановено) признание „Стефан Сидовски – Сидо“, во чест на нашиот професор, филозоф, филмски уметник и соработник на Фестивалот од неговите почетоци.

Краткометражната селекција ќе биде поделена во две вечери (петок, 22 мај, 19 ч., и недела, 24 мај, 20 ч.). За првата вечер, на почетокот ревијално ќе биде прикажано едноиполминутниот експериментален краток филм на најуспешниот македонски режисер и долгогодишен пријател на ФФФ, Милчо Манчевски, ЧЕТВРТОК (2013), за да на крајот од вечерта (во 21.30 ч.) биде организирана онлајн Зум-средба со самиот режисер. На втората вечер посветена на краткометражните филмови, публиката ќе има можност ревијално да проследи уште два филма. На почетокот, македонскиот ОБРАЗ (2011), на веќе споменатиот „мајстор на аматерскиот филм“, проф. Сидовски кому му е и посветено 10. издание на Фестивалот, додека на крајот од вечерта, луксембуршко/австриската копродукција БИТИЕ И НИШТОСТ на режисерката Бади Минк.

На Фестивалот ќе се прикажат и два среднометражни филма. Првиот е францускиот ЕДГАР МОРЕН, МИСЛИТЕЛ ВО ПАРИЗ (2019) од јапонската режисерка Момоко Сето. Станува збор за филмска приказна посветена на интимната врска на „планетарниот хуманист“, филозоф и социолог, член на Академијата на науките и уметностите на Република С. Македонија – МАНУ, надвор од работниот состав, Едгар Морен (1921) со градот кој силно ја обележа неговата мисла, Париз. Вториот филм е необичната и бунтовна црна комедија, КОНТРАПУНКТ (2019, БиХ), на режисерот и сценарист Иван Короман.

Како дел од издавачката дејност на ФДМ и ФФФ, почнувајќи од 21 мај електронски ќе биде достапен првиот темат „Филозофија и филм“ на националното филозофско списание „Филозофска трибина“. Станува збор за 21-от број на списанието (пролет 2017), пионерски труд во земјата од оваа област во којшто се поместени девет (9) авторски текстови кои истражуваат на полето на филозофијата и филмот и нивната плодотворна синергија.

В недела, 31 мај (20 ч.) за затворањето на Фестивалот ќе се одржи онлајн концерт во живо на македонската пијанистка со богата и репрезентативна интернационална кариера, Ема Попивода. Концертот, којшто се одржува со поткрепа на Град Скопје ќе се одржи во Кинотеката на С. Македонија и ќе означи симболично враќање дома на Фестивалот, во филмскиот храм каде наесен вљубениците на филмот и филозофијата ќе имаат повеќе пригоди за квалитетни фестивалски содржини. Ема Попивода ќе го изведе својот оригинален музички перформанс „Acoustic electronics“, во кој најпознатите електронски хитови се обработени и се изведуваат на пијано. Организацискиот тим на ФФФ ПРОЛЕТНИТЕ ОНЛАЈН МИГРАЦИИ подвлекува дека програмата е сѐ уште отворена и може да биде дополнета во наредните неколку денови со дополнителни фестивалски изненадувања. Зашто ИДЕИТЕ, а особено филмските, никојпат не запираат, и СВЕТОВИТЕ, а најмногу филмските, никогаш не исчезнуваат.