„Театар во куфер“ е насловен новиот меѓународен театарски фестивал што од 9 до 20 ноември ќе се одржува во Штип и ќе прикаже една гостинска и пет домашни претстави.

Ќе биде отворен во петок со „Европејци“ на театарот „Драфт“ од Тузла, Босна и Херцеговина. Организатор е Домот на млади во Штип и покрај на неговата сцена, ќе има изведби и во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“.

Во наредните денови ќе бидат изведени претставите: „Дисфункција“ на Младински интимен театар од Битола; „Убавите жени“ – поезија и театар на актерот Страшо Милошевски; „Женска утопија“ – според драмите на Јордан Плевнеш; „Петтиот чин“ на НУЦК „Антон Панов“ од Струмица и „Чекачот“ на Театар за гледање и слушање од Штип. Во рамки на фестивалот на 14 ноември напладне ќе биде организиран симпозиум „Патувачки театар“.

Уметничкиот директор на фестивалот Трајче Кацаров, кој е драматург во Народниот театар Штип, денеска на прес-конференција во Скопје рече дека идејата е театарот да се врати на архаичниот модел – патувачкиот театар од времето кога сè што му било потребно на актерот било собрано во куфер и со него тој можел да игра секаде и пред секого. Тој театар е близок и непосреден со гледачот и него го става во функција како активен актант.

-Станува збор за еден поинаков фестивал и театар, со кој се враќаме на тие архаични моменти и примордијални елементи, кога театарот се обраќал кон народот, зашто тој не може да игра некаде сам за себе. Целта е театарот да го вратиме на почетокот, да прикажеме еден подзаборавен модел на театар, кој е маргинализиран или од институциите или од самите актери. Во настојувањето да се претстават спектакли, оваа форма е заборавена. Од премногу национални театри, имаме премалку театар -рече Кацаров на прес-конференцијата. Фестивалот има и свој манифест во кој е подвлечена, како што наведуваат, природната врска меѓу театарот и куферот: „Затоа што куферот антиципира патување, а театарот никогаш не отишол подалеку од двоколката на Теспис“.

Директорот на Домот на млади Штип, Горан Трајков, очекува првото издание на „Театар во куфер“ да биде почеток на традиција. Годинава сите учесници ќе добијат статуетка Арлекин, а во план е од идната година фестивалот да биде натпреварувачки и со награди.

Организаторите се цврсто решени тој да остане верен на манифестот и првичната идеја. Затоа што, меѓу причините за неговото основање, рече Кацаров, е и тоа што честопати многуте театарски фестивали во Македонија ја напуштаат првобитната замисла и ја менуваат целната група. Притоа забележа дека фестивалот во Прилеп повеќе не е само за домашни претстави, „Стоби“ не е само за античка драма, „Ристо Шишков“ повеќе не е само за камерни форми.