Додека културните настани низ светот се откажуваат поради пандемија на коронавирусот, „Салцбург фестивалот“ многумина изненади кога во мај беше најавено дека сепак ќе се одржи со помалку богата програма, за да ја прослават стогодишнината. Фестивалот, кој ќе трае до 30 август, беше отворен со новите продукции на опери од Моцарт и од Штраус, како и со светска премиера на претстава од австрискиот писател Петер Хандке.
Зa Џод Бик, посетата на „Салцбург фестивалот“ е летна традиција речиси половина век.
– Одлучивме и годинава да дојдеме во Салцбург, без разлика на короната – рече 71-годишниот Бик едно попладне во историскиот центар на овој град, каде што допатува од Белгија со пријател што го посетува овој фестивал дури и подолго од него.
Портпаролката на фестивалот изјави дека годинашното издание е помалку интернационално. Американци, Руси и посетители од многу азиски земји, кои инаку сочинуваат голем дел од публиката, се отсутни бидејќи им е оневозможен влез во Европската Унија, а во некои случаи би морале по доаѓањето да одат во карантин.

Иако можеби „Салцбург фестивалот“ нема толку глобална публика, тој го привлече вниманието на светот со самото тоа што, и покрај сѐ, се одржува. Без оглед на мерките на сигурност, кои подразбираат маски, полу-полни театри и немање паузи за време на претставите, се чини дека сѐ е како и досега – фестивал од богата и елегантна публика среде огромниот алпски пејзаж.
– Салцбург е како карпа во разбрануваните води. Уметноста мора да остане дел од животот. Ако околностите бараат да се презентира на друг начин, мора да се потрудите да видите како би изгледало тоа – рече 57-годишниот Франк Селентон, кој на фестивалот присуствува од 1993 година.
Годинава имаше нешто навистина нереално во комбинацијата на раскошните вечерни фустани и хируршките маски. Маските може да се симнат додека трае претставата, иако се препорачува спротивното. Многу луѓе во публиката се одлучуваат да ја задржат маската на лицето. Дури и со драстично помал број влезници на пазарот, наместо 242.000, во понудата имаше 80.000 влезници, многу малку претстави се распродадени во целост. Во фестивалските сали секое второ место е остава празно.

На еден од настапите, една жена беше бесна бидејќи не можеше да седи со својот партнер.
– Ова е грешка – хистерично викаше додека неуспешно се обидуваше да го тргне јажето поставено преку „забранетото“ седиште.
Фестивалот беше отворен со новата продукција на „Електра“. Операта на Штраус во еден чин доби визуелно впечатлив и психолошки предизвикувачки изглед за кој е заслужен полскиот режисер Кшиштоф Варликовски. Веднаш по премиерата, сите 110 изведувачи од Виенската филхармонија, кои ја придружуваа „Електра“, мораа да направат тест за коронавирусот, процес на кој регуларно се пристапува во текот на нивниот престој во Салцбург. Сите се негативни. „Електра“ е една од седумте опери, кои првобитно беа најавени за одбележување на стогодишнината на фестивалот (другите шест се одложени до идната година), а продукцијата не беше готова кога беше објавено дека фестивалот сепак ќе се одржи. Минималистичката продукција се одигра на бел сет.
Леополд и Кристин Север дојдоа од 219 километри оддалечениот Клагенфурт за да присуствуваат на премиерата.
– Како што гледате, ги преземаме сите потребни мерки на внимателност. Но без двоумење сакавме да го видиме ова – рече 72-годишниот Леополд, покажувајќи на пластичните визири, кои тој и неговата сопруга ги симнаа за да можат да се фотографираат.

Публиката во Салцбург во поголем дел ја сочинува постара демографска група, токму онаа што е најризична за ковид-19. Сепак чувството на сигурност што го искажа брачниот пар Северс го изразуваше и вистинското расположение во текот на викендот кога фестивалот беше отворен.
– Секое човечко суштество во салата е свесно за ризикот и одговорноста што ги носи нивниот престој овде – рече Игор Левит, германски пијанист, кој за време на фестивалот ќе го изведе комплетниот циклус на 32-та Бетовенова соната.
Левит додаде дека „Салцбург фестивалот“ е „многу привилегирана околина“, што може со сигурност да се каже. Сепак, ситуацијата тука, како и во поголемиот дел од светот, останува исклучително неизвесна. Маркус Хитерхаузрн, уметничкиот директор на фестивалот, изгледа како да го задржува здивот. Нема гаранција дека фестивалот ќе издржи со настапите до крајот на август. Големиот пораст на заразени од овој вирус би можел да спречи да се случи тоа.
– Без претерување, овој викенд веќе е запишан во историјата на „Салцбург фестивалот“. Никој не веруваше дека ова е можно – рече Хитерхаузрн.