Жарко Јакимовски

„Изрази ја својата надеж“ е патувачка изложба со театарски перформанс, која започна како комуникациски проект фокусиран на глобалната свест, под мотото „Осумдесет прашања околу светот“ – мала пародија на легендарната книга на Жил Верн, „80 дена околу светот“. Делата од наши уметници создадени во рамките на проектот сега се презентираат во Холандија

Изложба на дела на македонски уметници создадени како дел од проектот „Изрази ја својата надеж“, проследена со културна програма и селектирано претставување на наши музички изведувачи, ќе биде дел од фестивалот што ќе се одржи од 4 до 8 септември во Музејот галерија и седиштето на „Фондација 80 прашања“ во Ајндховен, Холандија. Организацијата и реализацијата на овој проект се на Мартин Ворбиј и Натали Николовска. Во рамките на програмата, покрај изложбата, ќе се одржи и настан „Раскажување приказни во градина и музеј“ (7 и 8 септември), како и „Арт анд бајт најтс“ – дегустирање вкусна балканска кујна (3, 4 и 5 септември).

Меѓу македонските уметници што учествуваа во проектот се: Жарко Јакимовски, Александра Поповска, Симе Шентевски, Васко Ташковски, Аднан Алили , Албина Тефити, Александар Станковски, Жанета Гелевска Велјаноска, Мирослав Масин, Стефан Хаџи Николов, Павле Кузманоски, Касиопеја Наумоска, Миле Ничевски, Сергеј Дамовски, Јана Манева, Маја Стефановска, Тони Чатлески, Симонида Филипова Китановска, Решат Амети и др.

Мирослав Масин

„Изрази ја својата надеж“ е патувачка изложба со театарски перформанс, која започна како комуникациски проект фокусиран на глобалната свест под мотото „Осумдесет прашања околу светот“ – мала пародија на легендарната книга на Жил Верн, „80 дена околу светот“.

– Ова е проект за имагинација, истражување, фантазија и иднина. Веќе десет години со впечатливиот жолт камион проектот патува околу светот, прикажувајќи стотици уметнички слики во мал формат, креирани од уметници од разни земји. Сите овие слики имаат една заедничко нешто, ја даваат експресијата на надеж. Уметничките дела, визуелни и вербални, од проектот „Изрази ја својата надеж“, ги презентира Мартин Ворбиј, артист-раскажувач и иницијатор на овој проект. Самиот настап е интерактивен, додека раскажувачот ја води публиката вербално да се запознае со уметничките дела и приказните за надеж, настапува интерактивен дијалог и самата публика учествува со свои коментари – велат организаторите во најавата за претстојната изложба во Ајндховен.

Проектот е своевидна мобилна изложба и се претставува пред најразличен вид публика, во уметнички галерии, академии, на музички и театарски фестивали, во училишта и на отворен простор. Секоја година се создава нова географска селекција, а во изминатите години мобилната изложба беше претставена во Германија, Холандија, Индија и Словенија. Од 2013 до 2018 година, во неколку наврати ја посети Македонија, при што се создаде селекција од 80 уметници од различни генерации, со различен сликарски стил, кои учествуваа во проектот со свои дела. Првата слика од Македонија е дел од колекцијата на мобилната изложба на уметникот Жарко Јакимовски.

– Во нашите патувања низ Македонија ги посетивме Гостивар, Прилеп, Тетово, Струмица, Куманово, Гевгелија, Охрид и Битола. Уметници од сите овие градови учествуваат во проектот. На 26 јули 2013 година, по повод одбележувањето на Денот на катастрофалниот земјотрес во Скопје, ја имавме својата прва голема изложба во Македонија, која се одржа во Младинскиот културен центар. Беа изложени 80 слики од уметници од целиот свет, а меѓу нив беа и 20 уметници од Македонија. Изложбата беше одлично посетена. Потоа организиравме настан во Домот на културата во Гевгелија, во соработка со директорот Миле Ничевски – објаснува Натали Николовска, организаторка на проектот. 

Маја Стефановска