Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“ годинава ќе го доживее своето 7. издание, во периодот од 25 до 27 ноември, на сцената „Фросина“, во просториите на Младинскиот културен центар во Скопје. Како единствен фестивал од овој тип во поширокиот регион, тој успешно придонесува кон интернационална и локална афирмација на театарот на сенки, а наедно е и една од ретките манифестации кај нас што во континуитет прикажуваат претстави од странска продукција пред македонската детска публика.

На првата фестивалска вечер, вечерва, со почеток од 19.30 часот, пред публиката ќе се претстави „Луз микро пунто“ од Шпанија, со претставата „Светлосни години“. Утре, од 18 часот, најпрво ќе биде прикажан анимираниот филм со сенки „Црна школа“, проект на младиот Фабијан Штроебер од Германија, кој по проекцијата ќе одржи презентација за креативниот процес на изработка на анимацијата. Веднаш потоа, со почеток од 19.30 часот, вторпат во Скопје гостува „Циа куазе синема“ од Бразил, овој пат со својата најнова претстава „Циркус анимус“. Последната фестивалска вечер ќе ја одбележи изведбата на претставата „Алиса и чудата“, во 19.30 часот, на организаторот на фестивалот „Театар сенки и облаци“.

Во текот на фестивалот ќе биде одржана и бесплатна работилница со Бразилскиот културен центар, ќе биде поставена и изложба на традиционални кинески кукли за театар на сенки, а во фоајето на МКЦ ќе биде поставена инсталацијата „Облаче за секое дете“, продажна изложба на светлосни објекти за кои инспирација се небото, облаците и детската слобода.