Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ ќе се одржи во Прилеп утревечер и во сабота, а ќе учествуваат околу 120 учесници. Ова беше соопштено на денешната прес конференција од страна на организаторите, кои истакнаа дека вечерва од 19 часот ќе биде отворена изложба на народни носии и традиционални експонати.

Фестивалот, кој поради короната беше одложен од почетокот на јули, започна со едукативниот семинар „Традиционалната култура во Прилепското поле“ што се одржува онлајн изминатите денови.

Свеченото отворање е в петок, 28 август, од 19 часот на камената бина на плоштадот Александрија и првата фестивалска вечер. Во сабота од 11 часот во ликовниот салон е симпозиумот на тема „Фолклорот во минатото и денес“, а ќе има промоција и на зборник на трудови.

Во сабота вечерта од 18 часот е втората фестивалска вечер што ќе се одржи на Рудина во Долнени.

Мисијата на фестивалот е презентација на фолклорот, размена на искуства и зачувување на древните и драгоцени вештини на свирачите на народни инструменти и пејачите на изворни песни. Покровители се Министерството за култура и ЛС на Прилеп и Долнени, а годинава беше отпечатен вториот зборник на трудови „Фолклорот во минатото и денес“.

Ка.М.