Денеска и утре во пионерскиот дом „Карпош“, шести пат ќе се одржи книжевниот фестивал „Друга приказна“, на темата сликовници, а мото е славната реченица на Леонардо да Винчи: „Сликата е нема песна, а песната е слепа слика.“ Фестивалот годинава им се обраќа и на децата и на возрасните.
– Фестивалот ќе се обиде да понуди свеж пристап кон жанрот на сликовниците, преку мултимедијални и перформативни иновации. Истражувајќи ги разните форми на доживување на сликовниците, читателите ќе бидат поттикнати да ги искусат на нов начин. Фестивалот ќе се отвори со промоција на новиот број на списанието „Маргина“, проследено со изложбата „Седум современи македонски илустратори“. Главниот настан ќе биде „Читање на омилените сликовници“, каде што ќе учествуваат повеќе посветени читатели од различни професионални сфери. Вториот ден ќе се одржи промоција на новата едиција „Старо купувам“ во издание на „Темплум“, која спојува класични текстови за деца од важни македонски автори, преоблечени во оригинални илустрации од млади македонски ликовни уметници – најавува организаторот.
Ќе биде одржана и проекција на три анимирани видеосликовници, како и камишибаи-претстави (јапонски сликовен театар), со цел откривање нови димензии на сликовниците.
Георги Господинов, писател од Бугарија, е шестиот добитник на главната награда на фестивалот. Господинов е еден од омилените автори кај македонската читателска публика, маестрално вешт во пишувањето експериментална кратка проза. Досегашни добитници на наградата се Давид Албахари, Влада Урошевиќ, Оља Савичевиќ Иванчевивиќ, Ненад Величковиќ и Јана Бауер.
Поднасловот на регионалниот книжевен фестивал „Друга приказна“ е „Мали фикции“. Фестивалот настојува да ги афирмира експерименталните книжевни форми и средбите на книжевноста со другите медиуми. Фестивалот е финансиски поддржан од Град Скопје.