Четвртото издание на фестивалот „Арт ареа“ се одржува во кафе-книжарницата „Буква“, во организација на издавачката куќа „Бегемот“. Почетокот беше со отворање на изложбата на фотографии „(с)Огледување“ на Јелена Белиќ и видеопромоција на романи на двајца полски автори: „Пансион“ од Пјотр Пажињски и „Чекајќи го Боџенглс“ од Оливие Бурдо, како и промоција на романот „Турнеја“ од Сашо Огненовски, чиј промотор е Владимир Мартиновски.
Денеска, во 12 часот, ќе биде отворен базар на ракотворби, во организација на македонското студентско етнолошко друштво „Еснаф“, додека за 18 часот е најавена промоција на збирката патописи и репортажи „Непозната Македонија“ од Васко Марковски, чиј промотор е Александра Јуруковска. Во 20 часот ќе настапи вокално-инструменталниот состав „Тркалезна маса“, а поетско читање ќе одржат младите поети на ПНВ „Публикации“. Фестивалот завршува на 16 мај, со програмата за деца со „Сказнувалка“ и „Звуци“, а ќе се одржи и видеопромоција на книгите за деца „Антон нурка“ од Милена Баиш (Германија) и „Забрането е да се чита Луис Карол“ од Диего Арболеда (Шпанија).
Во 18 часот ќе биде прикажан филмот „Зикр – дервишкиот верски обред во Скопје“, а ќе се одржи разговор со Амет Селим, шеик во рифаискиот тарикат и главен протагонист во филмот, со Филип Јорданов, етнолог и снимател, и со Виктор Трајановски, етнолог и автор на филмот. Во 20.30 часот, под наслов „Мал круг“, ќе започне проекцијата на македонски кратки играни филмови од 2019 и 2020 година: „Ќе му се јавам на татко ти“ на Леон Ристов, „Фармерски блуз“ на Ибер Деари, „Вера“ на Верица Недеска и „Без љубов“ на Дина Дума.