Унгарската научничка Софија Лоранд напиша книга за феминизмот во Југославија и за неговата појава во 1980-тите и 1990-тите години, со наслов „Феминистичкиот предизвик во социјалистичката држава Југославија“. Лоранд е родена во 1979 година во Будимпешта, студирала англистика, компаративна книжевност и политикологија, а докторирала на Средноевропскиот универзитет (ЦЕУ), токму на интелектуалната историја на феминизмот во Југославија. Објавила мноштво текстови, но освен со теорија се занимава и со феминистичка практика.
Лорнад осум години била волонтерка на СОС-телефонот на организацијата НАНЕ за претепани жени во Унгарија. Работела како уредничка на издавачката серија „Бора“, која објавува книги од писателки од поранешна Југославија. Во моментов на „Кембриџ“ работи на историјата на феминистичката политичка мисла во Централна и во Источна Европа.

Основното прашање со кое се занимава во книгата е како југословенските феминистки ги толкувале западните концепти и идеи на својот јазик, на верзијата на феминизмот што била применета во општеството во кое живееле. Притоа интересно е дека овој феминизам ја критикувал државата поради неисполнување на ветувањето за еманципација, но, како што пишува Лоранд, и соработувал со неа, на пример во врска со насилството над жените и во семејството. Ова е студија на најдолгиот постоен неофеминизам во Источна Европа, кој истовремено бил и начин на отпор на системот, почнувајќи од фазата на освестување до активизам, од седумдесеттите до почетокот на војните. Книгата е важен прилог во освестување на сопствената женска историја, кој е нужен во ретроградната женска сегашност во сите постсоцијалистички земји во кои царува национализмот.

– Ме интересираше што се случувало со феминизмот за време на социјализмот во нашиот дел од светот. Кога открив дека постоела феминистичка критика на социјализмот на такво теориско ниво и со толку активности (уметност, книжевност, политички активизам), посакав да дознам повеќе. За да можам да истражувам го научив и јазикот. Ми помогна и фактот дека пишувањето на книгата беше и моја докторска дисертација и дека за тоа бев солидно платена, па можев да патувам, да собирам документација и внимателно да ја проучувам, а тоа траеше со години. Средбите со сите тие жени беа вистинска магија – вели Лоранд во разговор со хрватската писателка Славенка Дракулиќ.

Според неа, феминизмот во Југославија не бил движење туку повеќе интелектуален феномен што понекогаш допирал и до поширока публика, особено преку популарните магазини како што се „Базар“ и „Старт“. Во социјализмот било тешко да се основа движење, особено надвор од самоуправниот систем. Но организацијата НАНЕ со СОС-телефонот имала потенцијал да стане движење. Меѓутоа почнала војната и сѐ се променило. А токму парадоксот на потребата од феминизам во социјализмот бил во средиштето на феминистичката критика во тоа време. Целосна еманципација на жените било неисполнето ветување, а во социјалистичкиот контекст женското прашање се третирало како решено. Било тешко дури и да се препознае проблемот. Тоа се променило со појавата на феминистичката критика што се фокусирала на нееднаквата поделба на работата во домаќинството, хоризонталната дискриминација односно фактот дека феминизираните професии се помалку платени, сексуалната нерамноправност на жените, недостигот од добрите контрацептивни средства. Така женското здравје (особено породот) и насилството над жените конечно станале тема.
Лоранд не е сигурна дека нашите мајки и баби биле порамноправни од нас.

– Јас станав феминистка бидејќи гледав како мојата мајка и баба тешко работат. Тие живееја под постојан притисок да бидат добри домаќинки, добро да изгледаат… Тој двоен товар, троен товар во мојот живот постоеше од денот кога сум родена. Се разбира, социјалистичката држава обезбедуваше помош во грижата за децата и мрежа на социјална помош, но не мислам дека животот им бил лесен – вели таа.

Првите жени што почнале да се собираат, да разговараат и да пишуваат биле интелектуалки од академското милје, професорки, студентки, како во Загреб така и во Белград или Љубљана. Тие го откриле заедничкото искуство, дека во теоријата се еманципирани, но во стварноста се далеку од еднаквост. Но со пропаста на Југославија престанува да постои и феминизмот на 1970-тите и 1980-тите. А и денес меѓу научничките од универзитетите и активистките има многу големи разлики, отколку за време на Југославија. Тоа е вистинска штета бидејќи соработката овозможува раст и развој.

– Јасно е дека е најдобро да престане потребата од феминизам, или од борбата против расизмот или класното искористување, тие некои други форми на општествена неправда што, за жал, постојат. Но далеку сме од тоа. Треба да сонуваме, но мора да ја познаваме и стварноста. Постфеминизмот е многу опасен. Го нарекувам подмолен облик на антифеминизам: за него феминизмот е непотребен бидејќи е против традиционалната улога на жената, но тоа не го признава туку тврди дека феминизмот не ни треба затоа што веќе сме постигнале еднаквост. Навистина сме далеку од тоа и затоа мора да продолжиме да се бориме – заклучува унгарската научничка.