„Немирница“ во хрватскиот речник е механички систем во часовници што е регулатор на точноста. Tермин од учебник за прецизна механика. Во книгата на хрватската писателка Михаела Гашпар ја симболизира прецизната механика на човечката душа и карактери. Книгата на македонски го носи насловот „Часовничарот“, издание на „Антолог“, а е дел од програмата на седмото издание на фестивалот на европската литература „Букстар“, на кој гостува и нејзината авторка, хрватската писателка Михаела Гашпар.
Главниот лик во книгата, Јосип Мајдак, секоја вечер, додека ги закопчува пижамите и се поздравува со сопствениот одраз во огледалото, се подготвува за својата смрт. Секоја вечер се одвиваат и нашите генерални проби на умирањето.

„Часовничарот“ e потресен и мудар роман за немирната совест и болните семејни односи. Како се создаваше?
– Овој роман немаше да можам да го напишам во 30-тите години, уште помалку во 20-тите. Мислам дека овој роман можев да го напишам само во оваа доба, кога преминав 45 години. Порано ќе ми недостигала зрелост. Сѐ уште сме млади, но ова е доба кога почнуваме да си ги поставуваме прашањата за животот, живееме ли исправно, какви ни се односите со луѓето, какви можности ни се нудат во животот, му должиме ли некому нешто, дали сме повредиле некого. Ова е идеална доба, не затоа што се ближиме кон крајот, туку затоа што имаме некаква зрелост. Имаме живот во нозете, имаме разни искуства. И токму затоа се отвараат прашања од типот како живееме. Пишувајќи го романот, дури и самата наидов на некои неочекувани терени од мојот живот, мои пропусти, сфатив дека има луѓе што сум ги повредила. Но, едноставно, не постои човек што не греши. И да го признаеш тоа е некаков вид чесност. Јас најдов сила да признаам дека и ја сум како Јосип Мајдак и не сум многу различна од него.
Каков лик е, всушност, Јосип Мајдак и какви прашања поттикнува?
– Јосип прво решава да се ослободи од сѐ што му е вишок во животот. Тој е неизлечиво болен и тргнува на патот на помирувањето сам со себе. Го капитулира својот живот, промислува што сѐ направил, кого повредил, кој му нанел зло, за полесно да умре и да отиде во тој измислен рај. Тој ја прикажува човечката потреба да се израмнат сметките сам со себе. Ако ништо друго, малку да се покае за стореното. На човек му е потребно многу сила да се погледне во огледало и да се соочи со себе.
И покрај тоа што Мајдак е чуден, нечовечен и по малку суров лик, ја посакувал смртта на жена си, си го отрул кучето…, какви поуки можеме да извлечеме од него?
– Фаталистички звучи, но тука не може многу да се направи. Сите сме просто дизајнирани да грешиме. Да поминеме во животот низ сѐ. Јас не можам да замислам натчовек, кој е совршен. Каков живот би било тоа, на што би личел. Вака сме ѕверови, а какви би биле ако живееме во некоја таква чистина. Не можам да замислам ни роман што ги слави исклучиво човечките квалитети. Поука секако дека има, но тие поуки се насекаде околу нас. Секој ден пред да си легнеме треба да се запрашаме како сме го преживеале денот, што ни донел, што можеме да коригираме, да соочиме самите со себе.
Оригиналниот наслов на „Часовничарот“ е „Немирница“, каква симболика носи?
– Немирница е механичкиот дел што е составен дел на еден часовник и ги врши усогласувањето и рамнотежата на мерењето на времето во традиционалните часовници. Метафорички, прво го сугерира тој немир на Јосип Мајдак, затоа што првично Мајдак го обзема силен немир. Немирница е и срцето на часовникот што го симболизира и срцето што е во центарот на нашите тела. Немирница значи дека животното време ни истекува.
Во сите ваши романи семејството ви е тема за разработка…
– Семејството и семејните односи ме инспирираат, тоа е некако моја интерна потреба, а всушност се држам до семејството, затоа што тука има најголема љубов и е најсигурно место, но во исто време и место каде што најжестоко и најсилно се осудува. Тоа може да биде место на хоророт, теророт, место на разни девијации. Знаат да ми забележат кога ќе речам дека семејството може да биде најпеколното место, но тоа е вистина. Убаво е да се замисли и еден убав семеен портрет, но често тоа може да се види само на фотографија – мртва, затоа што таа забележува еден момент во кој можеме да ја наместиме насмевката. А, всушност, животот внатре во семејството е тежок, мачен, но не значи дека треба да се избегнува.
Каки траги сакате да оставите со вашите книги?
– Литературата ми е многу важна, начинот на кој пишувам, речениците. Тоа е простор во кој се препознав, во кој многу добро се движам и каде што чувствувам голема слобода. Првично не размислувам за читателот како ќе ме доживее или каков белег ќе оставам. Кога би правела така, тоа би било пишување по дадена формула, дека морам да му угодувам на читателот, да му се допаднам по секоја цена. Тоа не е добро за еден писател. И за литературата не е добро, за ниедна уметност. Затоа, читателот е во позиција да може да избере или оцени дали ќе му се допадне книгата или не. Секако, драго ми е кога ќе оставам добар впечаток, кога читателот вели дека примил квалитетна содржина, таквите пофалби ми значат.
Ваше примарно занимање е скулптурата…
– Со скулптура не се занимавам одамна, мојот однос со оваа уметност често го споредувам со лош брак. Работам како дизајнерка во маркетинг-компанија. И конечно се чувствувам дека во оваа животна доба го најдов моето место и дека му припаѓам на тоа место, а тоа е литературата. Чувствувам дека сум таму каде што треба да бидам, како дома.
Што читате за своја душа?
– Ги читам сите нови наслови што ќе се појават, што ќе ме заинтригираат. Но има и литература на која често се враќам. На пример, на одмор ќе понесам две-три нови книги, но и веќе прочитани што сакам да ги препрочитам. Тука ќе го споменам Андреј Платонов, со кого сум во тајна врска, иако долго веќе го нема. И секогаш кога ги читам неговите книги, откривам некоја нова димензија. И мислам дека цел живот ќе му се враќам нему. Има и еден македонски автор, на кој случајно налетав пред две години и се запрашувам како сум го пропуштила досега во животот. Станува збор за Живко Чинго, поточно за „Големата вода“, длабоко ме допре овој роман. Неколкупати го препрочитав и сигурно пак би го препрочитала.
Шест романи се дел од вашата творечка архива, а „Велика ствар“ е последниот.
– Тоа е роман што зборува колку е тешко да се живее во ова време, кога има многу проблеми, болести, кога скромно се живее, преживува, а наспроти тоа се појавуваат разни гуруа што ни проповедаат како на полесен начин да најдеме среќа, преку ТВ-емисии, разни канали, медиуми презентираат и промовираат среќа, советуваат како да се лекуваме или како да стигнеме до пари. И сето тоа е некако апстрактно и темелено на бесмислени изјави. А човекот во мака понекогаш нема избор и ваквите извори му се чинат како сламка за спас. Па, затоа решив дека треба да проговорам на оваа тема.